Промоција на книгата „Разговори за нас“ од Катерина Богоева ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во фоајето на киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар. Промотори на книгата се Бојан Иванов и Емилија Петреска-Камењарова.

Книгата „Разговори за нас“ содржи избор од триесет интервјуа снимени и објавени во периодот од 2000 до 2017 година во две списанија и во еден дневен весник: „Глобус“, „Премин“ и „Утрински весник“. Реализирани се во период исполнет со разни политички промени во Македонија, во време на впечатливи настани од областа на културата и уметноста, време од новата историја на државата, кое остава голема трага во севкупното живеење. Мислењата и ставовите на еминентните соговорници од неколку држави за различни прашања: археолози, етнолози, архитекти, историчари на уметноста, сликари, писатели, фотографи, театарски продуцент, актер, диригентка, преведувачка, архимандрит како и амбасадор во Јапонија, прават еден вид сложувалка отсликувајќи ја актуелната реалност, влечејќи паралели со настани од минатото, но и нудејќи различни визии за иднината. Мислења што заслужуваат да бидат пренесени и во книга, бидејќи на свој начин го содржат специфичниот дух на времето во кое живееме, опасно и турбулентно, но истовремено и убаво благодарение на моќта на уметноста.

Катерина Богоева е авторка е на монографијата „Современи македонски уметници “ – „Шашуа Прес“, Лондон, коавторка на монографијата „Триесет години Факултет за ликовни уметности“ – Скопје како и на публикациите: „Крушево – хабитат за човекот“ – Новинарско-правен енвиро центар „Ерина“- Скопје; „Мечката во народното творештво“ и „Голем град“ – Новинарски еколошки центар. Добитничка е на наградата „18 Мај“ – Меѓународен ден на музеите за музејски проект за 2009 година, во категоријата Надворешен музејски соработник на ИКОМ – Меѓународен совет на музеите, Македонски национален комитет.