Помирување (со судбината)

Македонското собрание, институција што сведочела и аминувала (па и амнестирала) најголеми злодела, се надмина себеси! Тоа сега е јавна сцена на која се одвива ругање, не само со сите темелни вредности на уставниот поредок туку и со елементарните норми на моралот и пристојноста. Токму од собраниската говорница, во говорот во врска со иницијативата за промена на Уставот, премиерот Заев со неподнослива леснотија ги употреби зборовите помирување и простување, без воопшто и да знае што значат тие! Како што пренесоа медиумите, а и јавноста можеше да слушне во директниот пренос, Заев повика поделбите по партиска линија да завршат и испрати порака за помирување за настаните од 27 април: „Еве шанса да си простиме… Да си подадеме рака. Нема друг начин народот да се помири ако политичарите, пратениците во Парламентот, не си простат.“ (Подоцна, по обичај, неговите пиарџии дообјаснуваа „шта је аутор хтео да каже“, но колку повеќе објаснуваат, толку пофарсична станува целата елаборација.) Операцијата што се одвиваше во парламентот (но и надвор од него, по хотели и сокачиња, па и селски заветрини), а која пратеникот Иван Стоиљковиќ со право ја нарече „сточен пазар“, заврши успешно: обезбедено е двотретинското мнозинство со сите (не)дозволени средства! И како што пратеникот дополнува деновиве: „Не треба да чекате да ги видите амандманите на Уставот, па да сфатите дека процесот на уставни промени е ‘операција на отворено срце’, односно експеримент врз живи луѓе!“.

Но, според министерката за одбрана и потпретседателка на СДСМ, Шеќеринска, станувало збор за „историскиот глас на пратениците, кој во исто време беше глас против изолација, но и против несигурност. За поздравување е таа одговорност да се стават сите работи настрана и да се даде глас за иднината. Сега е моментот поделбите да ги ставиме настрана и да почнеме да зборуваме за суштинско помирување. Хорот на интелектуалци, новинари, експерти, благонадежни доктори на науки во очекување грантови е веќе на нозе: тие се подготвени да ја искористат оваа „историска шанса“ за национално помирување и простување. (Интересно е што зборот „помирување“ се користеше како своевидна легитимациска основа за Преспанскиот договор, на кој Кица Колбе дури му даде и по малку свет ореол, претставувајќи го како отворање на процесот на соочување со вистината за злосторствата од минатото во однос на трагичните настани од времето на Граѓанската војна во Грција, затоа што Европа била погодно тло и контекст токму за такви катарзи. Колку Европа сака да се соочува со своето минато видовме од примерите на сите колонијални сили кои до ден-денес молчат за крвавите темели врз кои е изградено нивното национално богатство. Се разбира, Германија е тука исклучок, но тоа е друга приказна…)

Прашањето за (национално!) помирување, па уште и простување, е злоупотребено на таков недостоен начин што не заслужува никаква подлабока елаборација (како што некои се обидуваат да го направат тоа последниве недели). Не затоа што ова не се суштествени прашања за секое општество што минало низ траума туку затоа што е ова чиста орвеловштина, употреба на „новоговор“ и на „двојно мислење“ (doublethink) за да се замаскира легализацијата на сите национални, политички, криминални и други дивоградби што се одвиваа и се одвиваат зад големата приказна за промената на името. Се разбира, и менувањето на Уставот на криминален начин, а за да се испорача пред западните центри на моќ, наспроти јасно изразената волја на мнозинството, е нешто за што сакаат да си обезбедат и неказнивост и благородна аура на национални херои и маченици (како што кажа еден полтрон, Заев бил новиот Гоце Делчев, па ти доаѓа да одиш во Баница и сам да се застрелаш!). Странците одобруваат, аплаудираат, иако се свесни што се случува.

Кога власта користи терминологија што е вообичаена за поставторитарни и за постконфликтни општества, односно за ситуации во кои по брановите на масовни кршења на човековите права и на крвави злосторства дошло до одредена нормализација, како елементарен предуслов за да може да се подотвори процесот на соочување со минатото и евентуално за помирување, тоа има неморална задница. Бидејќи, редоследот е тој: насилство од најлош вид, запирање на насилствата, стабилизација и нормализација во разурнатите општества, и дури потоа со многу такт, упорност и знаење – отворање на процесот на соочување со минатото. Помирувањето е процес, понекогаш не е ни цел, туку само процес – и тоа процес што, како што би рекол Жарко Пуховски, носи прво вознемирување, за потоа да дојде до смирување/помирување. Простувањето е нешто сосема трето, длабоко личен и интимен чин помеѓу жртвата и сторителот, и тука државата нема што да бара. Во нашава трагикомична ситуација политичарите (со фројдовска грешка?) се чини признаваат дека владееле авторитарно и сториле/чинат масовни кршења на човековите права (со чинот на недемократски и насилен чин на менување на Уставот, при што државниот удар е извршен со принуда, уцени и пари, наместо со оружје). Она што го бараат од сите нас е помирување со судбината! Идејата за наводното национално помирување е доведена до таков апсурд што извршителите ја сведуваат на пасивизација и пацификација на народот, дури и со закани од санкции.

Секој што во оваа идилична ситуација, во која тајкуните, мафиозите и корумпираните од најголемите партии си подале рака да се помират/амнестираат на сметка на правдата, правото и моралот, се осмели да дигне глас и повика на отпор (ќе) се смета за злонамерник што буди зла крв и повикува на насилство. Неодамна постара колешка од мировните студии ме опомена за јавниот говор, кој наводно не ми прилегал. Ја потсетив дека мировништвото не значи предавање; ненасилството не значи пасивност и прифаќање на она што ти го вршат како физичко, структурално или културно насилство. Должноста на мировниците е да се борат за позитивен мир, а не да капитулираат за лажен „мир“ под закана од чизма и зандана. Сѐ друго е фолирање! Начинот на кој овде го промовираат концептот за помирување укажува на користење еуфемизми за покорување пред силата и моќта!

Политичарите отсекогаш лесно се „помирувале“ меѓу себе. Не е случајна онаа изрека дека „врана на врана очи не ѝ вади“. Така беше дури и по 2001 година, и во 2011-та, така ќе биде и сега. За да има вистинско помирување треба да се отворат очите пред фактите, а тие бараат признавање дека ова наводно демократско собрание е промотор на структурално насилство – од приватизацијата до легализацијата на конфликтот на интереси и корупцијата, заедно со елементите на полициска држава што само јакнат. Се вели дека структуралното насилство е невидливо и убива тивко, без куршуми – со социјална неправда, експлоатација, дискриминација, газење на човековите права. Но кај нас физичкото насилство е тоа што е тивко останува несанкционирано, па жртвите на егзекуциите пиштат за правда и немаат мир. Структуралното е разгоропадено, културното насилство е пуштено на најјако, во орвеловска форма, во која ако не се помириш (со судбината и налозите на Големиот брат), ќе те спружат на медиум (ТВ-дебата) за да предизвикаат гнев, омраза, во времетраење подолго од легендарните „две минути“. Во отсуство на Нелсон Мендела, се бара Емануел Голдштајн, државниот непријател, непријателот на мирот, помирувањето, Западот, Европа, демократијата… Листата е сѐ поограничена, а расте бројот на оние што го обожаваат и сакрализираат новиот Гоце Делчев. Ова не е време за ребрендирање и помирување на оние против кои само до вчера се викаше „нема правда, нема мир!“. Нема помирување со невладеење на правото, со селективна правда, со кршење на елементарните процедури на фер и правична судска постапка, со цензурата и застрашувањето за јавно кажан збор. Јас обвинувам (иако не сум Емил Зола)! Обвинувам за сето она што заеднички ни го направивте и правите веќе 27 години, обвинувам за сите криминали за кои не сте одговарале дури и кога божем сте се пресметувале, обвинувам за селективни аболиции поради партиски и лукративни цели, како и за амнестии или ослободителни пресуди под надворешни притисоци. Обвинувам за молкот со кој мнозина се помируваат со ваквата судбина!