Писателот Трајче Кацаров е добитник на наградата „Ванчо Николески“, на Друштвото на писателите на Македонија, за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“.
Жири-комисиите составени од истакнати писатели, литературни критичари и есеисти ги доделија и следниве признанија за книжевната продукција во изминатата 2018 година.

Наградата „Стале Попов“ ја доби романот „Маџун“ на Влада Урошевиќ, Виолета Танчева-Златева ја добива наградата „Ацо Шопов“ за поетската збирка „Патот“, за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“ Лидија Капушевска-Дракулевска ќе ја понесе наградата „Димитар Митрев“ и наградата „Мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија ја добива Рифат Емин за поетската збирка „Bi-nihayet“ („Бесконечно“) на турски јазик.

Во конкуренција за петте награди на конкурсот распишан во текот на декември, минатата година беа поднесени вкупно 61 книжевно дело. Комисиите работеа во состав: Лорета Георгиевска-Јаковлева (претседателка) и Кристина Николовска и Оливера Ќорвезироска (за проза); Владимир Мартиновски (претседател) и Вања Изова-Велева и Благој Самоников (за поезија); Васил Тоциновски (претседател) и Анастасија Ѓурчинова и Јагода Михајловска-Георгиева (за критика и есеистика); Киро Донев (претседател) и Мито Спасевски и Фејзи Бојку (за литература за деца) и Гордана Стојковска (претседател) и Октај Ахмед и Делвина Крлуку (за книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија).

Наградите ќе бидат врачени на утрешната свеченоста што ќе се одржи во просториите на друштвото, во знак на одбележување на 72-та годишнина од основањето на писателската асоцијација.