На Асанж нема кој да му пишува

На политичката сцена на САД, Асанж нема сојузници. Конзервативците го мразат бидејќи објави непријатни воени вистини, либералите не го поднесуваат бидејќи веруваат дека придонесе за поразот на Хилари Клинтон кога среде кампањата ги објави пресретнатите мејлови на Демократската партија. Вашингтон ја убедува јавноста дека „Викиликс“ е непријател, бидејќи на овој сајт се појавија доверливи податоци од војните во Ирак и Авганистан, кои Америка ги почна по терористичките напади на Њујорк и Вашингтон

Лежеше на робија, доби помилување, излезе од затвор, преживеа два обида за самоубиство, го промени полот, учествуваше на американските избори за Сенатот и доби повик да предава на „Харвард“. Така изгледаа последните шест години во животот на Челси Менинг. За сето тоа време, Џулијан Асанж не се ни мрдна од една зграда во Лондон.
Затоа што ги објави американските тајни на својот сајт, Асанж важи за поголем американски непријател отколку што е аналитичарката на Пентагон, која ги собра сите воени и дипломатски телеграми. Против него, како што дознавме неодамна, во тајност е поднесено обвинение, иако не направил ништо што не го направиле и американските новинари – ги објави вистинитите информации врз основа на материјалите од свиркачите. Шефот на Белата куќа неодамна изјави дека „не знае ништо“ за основачот на „Викиликс“ и дека не знае ниту дали саудискиот престолонаследник го наредил убиството на дисидентот Џамал Кашоги. Сфативме дека за Доналд Трамп не е ни важно дали е Мухамед бин Салман виновен, бидејќи Америка секако ништо нема да преземе против него. Неважно е и тоа дека Асанж не може да биде виновен за нешто за што никогаш не е обвинет ниеден американски новинар, бидејќи, секако, сѐ се презема против него.

Австралискиот активист денес личи на полковникот на Маркез, кој со години чека поштарот да му донесе решение за пензија, за на крајот да сфати дека „нема кој да му пишува“, дека писмото никогаш нема да стигне и дека неговата сопруга и тој ќе умрат од глад. Човекот што на Асанж му даде азил во амбасадата во Лондон, поранешниот еквадорски претседател Рафаел Кореја, сега и самиот бара азил во Белгија. Новиот шеф на државата Левин Морено го нарекува „наследен проблем“. Еквадорската влада настојува да го исфрли Асанж од својата амбасада и да им го предаде на Британците, кои веднаш потоа ќе им го испорачаат на Американците.

На политичката сцена на САД, Асанж нема сојузници. Конзервативците го мразат бидејќи објави непријатни воени вистини, либералите не го поднесуваат бидејќи веруваат дека придонесе за поразот на Хилари Клинтон кога среде кампањата ги објави пресретнатите мејлови на Демократската партија. Вашингтон ја убедува јавноста дека „Викиликс“ е непријател, бидејќи на овој сајт се појавија доверливи податоци од војните во Ирак и Авганистан, кои Америка ги почна по терористичките напади на Њујорк и Вашингтон. Истовремено, за Саудиска Арабија се тврди дека е сојузник, и покрај тоа што даде најголем број напаѓачи на 11 септември и што го промовира радикалниот Ислам. И по масакрирањето на цивили во Јемен и убиството на Кашоги, американскиот претседател го нарече Ријад „величествен сојузник“.

Трамп рекол дека нема да се откаже од принцот Мухамед бидејќи Саудиска Арабија има нафта, ја поддржува американската политика кон Иран и нарачува оружје вредно 110 милијарди долари. Критичарите сметаат дека е нечуено тоа што претседателот порачува дека можете да се извлечете дури и со убиство ако сте на американска страна. Како што е често случај со претставниците на актуелната администрација, тоа обвинение е лицемерен обид да го обвинат Трамп за сите американски гревови и да ја смират сопствената совест. Сегашниот шеф на Белата куќа не прави ништо што не го правеле и неговите претходници, кои ги поддржуваа сите диктатори подготвени да работат за американските интереси. Саудиска Арабија уби многу други луѓе пред да го ликвидира Кашоги, како што правеа и другите американски клиенти на Блискиот Исток и во Латинска Америка. Ако ги казнуваше сите земји што вршат злосторства и убиваат цивили, Трамп ќе мораше да се откаже од повеќето сојузници на Блискиот Исток, вклучувајќи го и Израел. Единствената разлика меѓу денешниот жител на авенијата Пенсилванија и неговите претходници е тоа што тие зборуваат за стабилност и демократија, а тој ги нарекува работите со вистинското име – нафта, пари, оружје. Иако важи за човек што многу лаже, за Трамп би можело да се испостави дека е најискрениот американски претседател.

Ниту Обама не сакаше да се откаже од прогонот на Асанж, па тоа не треба да се очекува ниту од Трамп. Тоа не го менува фактот дека обвинувањето на основачот на „Викиликс“ ќе биде опасен преседан за американските новинари, кои во иднина би можеле кривично да одговараат затоа што објавуваат точни информации што Владата сака да ги скрие.

Авторитарните влади низ светот веднаш ќе го искористат тоа за да ја искоренат и онаа малку слободна мисла во своите земји. Ако Америка ја осуди Челси Менинг на 35 години робија, што треба да се очекува дека ќе им направат другите земји на своите свиркачи? Америка сакаше да му суди и на Едвард Сноуден, но Русија му даде азил. Благодарение на Челси Менинг и Едвард Сноуден, дознавме сѐ за американските војни и прислушувањето. А доколку сега во медиумите би пристигнале податоци од војните во Чеченија, Украина или Сирија, дали Владимир Путин би покажал исто толкаво разбирање и за руските свиркачи? Не дај боже на „Викиликс“ да се појават пресретнати мејлови на Единствена Русија или информации за руското мешање во американските избори. Тие што ќе му се замерат на Кремљ, најлошо минуваат токму кога се во Британија.