Покрај извештајот за сработеното во 2018 година, главна тема на собранието на РФМ беше изборот на нов селектор, при што Мукаетов изјави дека новиот селектор не треба да има клупски ангажман. На собранието беше побарано во иднина да се стави акцент и на ракометот на плажа, кој ќе биде во програмата на ЛОИ 2024

На Светското првенство во Германија и Данска отидовме со голема желба и со амбиција за пласман во втората рунда и обезбедување висок пласман, кој ќе ни донесе олимписки квалификации, но, за жал, го загубивме клучниот натпревар со Исланд. Поразите се дел од спортот, знаат да бидат разочарувачки, но не смеат да нѐ демотивираат и да нѐ спречат повторно да се обидуваме. Јунаците на мака се познаваат. Нашиот тим поминува низ процес на промени на генерациите и искрено се надевам дека безболно ќе го поминеме, без поголеми последици, изјави, меѓу другото, Живко Мукаетов, претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), во воведното обраќање на Годишното собрание викендов во Скопје, кое почна со едноминутно молчење во спомен на загинатите во сообраќајната несреќа на патот Скопје – Тетово.

Покрај извештајот за сработеното во изминатата 2018 година, главна тема на собранието беше изборот на нов селектор на машката ракометна репрезентација, по спогодбениот раскин на договорот помеѓу досегашниот селектор Раул Гонзалес и РФМ.

– Од новиот селектор ќе се бара максимална посветеност кон македонската репрезентација, односно тој не треба да има клупски ангажман. Наша желба е новиот селектор да биде професионалец, кој ќе се фокусира само на репрезентацијата – рече Мукаетов.

Именувањето на новиот селектор се очекува да биде до крајот на февруари, со оглед на тоа што на македонската репрезентација ѝ претстојат два квалификациски меча со Исланд, во почетокот на април.

Меѓу другото, членот на собранието на РФМ, Марјан Начевски, даде предлог за развој на ракометот на плажа, истакнувајќи дека е пожелно да се стави акцент на ракометот на плажа, бидејќи овој спорт ќе биде во програмата на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година.

– Од 2024 година ракометот на плажа станува олимписки спорт. Нашата женска репрезентација беше четврта во 2011 година и учествуваше на сите големи настани во тоа време. Апелирам до ова раководство да стави акцент на ракометната категорија, бидејќи 2024 година не е далеку и добро би било да формираме машка и женска репрезентација, кои ќе конкурираат за место на ЛОИ во Франција – порача Начевски.