Македонската вистина пред ЕУ, всушност, е светло на крајот од тунелот за нив

Илузиите на Македонија (ако воопшто и постоеја) во добрососедство на хартија, па макар тоа и да е асиметрично формулирано, уште веднаш беа практично искористени во обид за реализација на соседските аспирации, па молчењето на нивните клеветнички фикции и аргументации за македонскиот идентитет и постоење, одамна не претставува прагматично дипломатско однесување според кумановската дефиниција – „ќе си ќуту да ти виду намере“. „Кубурчето“ не смее да остане во футрола

Не треба(ше) да се биде пророк во Македонија за да се стекне она претчувство дека за да стигнеш до иднината мора постојано да „возиш слалом“ низ пречките поставени од соседите по патеките од минатото, низ сегашноста до иднината. За „капиите од слаломот“ секогаш ќе се најде некој сосед, кој „добронамерно“ ќе постави уште некоја, ќе ги згусне пречките на патот до нашата цел, за да може да ни докаже дека не нѐ бидува, иако со тоа тој ги руши утврдените правила, а за тоа судиите ниту реагираат ниту ги интересира принципиелно да реагираат бидејќи ние не сме во „привилегираниот клуб“.
Ах, комплициран слалом за нас како натпреварувачи што доаѓаат од „малите народи“ за кои големиот свет нема нерви, ниту трпение да гледа, да слуша…
Тамам да помислиме дека се потрошија итроштините и пречките на соседите во вековното докажување за македонското непостоење, се појави бугарскиот „објаснувачки меморандум“, со кој на 6 страници на ЕУ ѝ се објаснува дека Бугарија ја поддржува Македонија во нејзините евроинтеграции, но само како „бугарски бренд“, а Европа треба да го контролира процесот на македонската бугаризација преку вметнување таков услов во преговарачката рамка.

Доколку не е свежо, и сѐ уште неприфатено во македонската јавност, искуството со менувањето на името на државата Македонија, со „северна“ додавка, во интерес и со поддршка токму на меѓународната заедница, ваквиот допис на Бугарија до ЕУ можеби ќе предизвикаше реакција со многу извичници како чудење и прашалници за дрскоста и логиката на таквите барања и уцени. Но актуелноста на сеќавањето (повеќе како неверување и неприфаќање на состојбите) за политичките манипулации со волјата на граѓаните за менување на името на државата, создава амбиент на недоверба и претпазливост во развојот на настаните за бугарскиот меморандум до ЕУ. Дури и да се анахрони и препишани од некои поранешни слични архивски документи на Бугарија за постоењето на Македонија, дури и да е стабилен ставот од Брисел дека „билатерални прашања“ не треба да бидат дел од преговарачка рамка за членство во ЕУ, опасноста за Македонија од нови отстапки во поглед на јазикот и историјата го подигнува дополнително високото ниво на чувството на загрозеност на националниот идентитет во македонската јавност. И покрај политичко-експертските гледишта дека актуализирањето на хронично опсесивното македонско прашање од страна на Бугарија, е повеќе за нивна домашна употреба во пресрет на нивните избори и сред нивна политичка криза, тоа не го менува фактот дека и оваа соседска земја ја има позицијата како земја-членка на ЕУ да ги користи механизмите на функционирање на Унијата за одолжување на македонските евроинтеграции и уценување со своите стари аспирации. Иако завиткана во бирократска амбалажа на дипломатски еуфемистички формулации, пред Македонија и Македонците е поставен неправедниот избор меѓу самооткажување од сопствениот идентитет, или самооткажување по подолгиот пат – со „почесно место“ во чекалницата на ЕУ.

Илузиите на Македонија (ако воопшто и постоеја) во добрососедство на хартија, па макар тоа и да е асиметрично формулирано, уште веднаш беа практично искористени во обид за реализација на соседските аспирации, па молчењето на нивните клеветнички фикции и аргументации за македонскиот идентитет и постоење, одамна не претставува прагматично дипломатско однесување според кумановската дефиниција – „ќе си ќуту да ти виду намере“. Намерите на соседите се повеќе од јасни и нескриени… А „кубурите“ (читај: сите расположливи институционални, дипломатски, па ако сакате и лоби-методи) мора да се активираат. Не само пред ЕУ-институциите, туку право и во Софија и во Атина. Нема давање она што е наше!
Македонската политичка и интелектуална јавност, но и дипломатија не треба да ги премолчуваат негациите на македонизмот ниту во домашната јавност, ниту пред меѓународната, наводно во интерес на европерспективата. Македонската вистина и гласност за сопственото постоење никако не сугерира на национализам, стапица во која се вовлекува македонската интелектуална и научна јавност доколку се охрабри да зборува за националните интереси на Македонците. Дури и самата ЕУ е заедница на национални држави, кои и покрај декларираното заедништво исклучително се чувствителни на сопствениот национален идентитет. Македонската дипломатија и наука не треба да избегнуваат презентација, па и соочување на својата вистина со агресивните предрасуди и клевети што соседите ги артикулираат и како меморандуми.

Одамна е помината границата за отстапки со премолчување на фактите од македонската вистина, па колку таа и да е „неинтересна“ за „модерните геополитички богови“, треба да бидат ставени во културна ситуација да мораат да ја слушнат. Наместо во самооткажување, македонската наука, интелигенција и дипломатија треба поангажирано да се посветат на самопромоција на меѓународна сцена, па дури и на „сцената“ кај соседите, кои не се откажуваат од своите аспирации спрема Македонија. Во современата реалност, самопромоцијата не е агресивност. Ако дозволиш другите да ја кажуваат вистината за тебе, се доведуваш во ситуација што шпанскиот уметник Салвадор Дали ја опишал во констатацијата: „Тргувањето без реклама е исто како намигнување на девојка во мрак: ти знаеш што правиш, но никој друг не го гледа тоа“.