Кој има корист од лажните климатски решенија

Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) во еден неодамнешен специјален извештај тврди дека решавањето на климатските промени ќе бара фундаментални промени во начинот на управување со шумите и обработливото земјиште. Податоците се нови, но основниот заклучок не е: повеќе од една деценија, научниците, еколозите и граѓанските организации предупредуваат дека нашиот опстанок и длабоко неправедниот модел на производство и потрошувачка се коренот на проблемот со климатските промени. Заштитата на планетата, од која зависи нашиот опстанок, бара промена на целиот систем.

Светот и особено развиените земји изградија економски систем фокусиран на акумулација на капиталот, што претпочита профит на компаниите наспроти благосостојба на луѓето и околината, вметнувајќи ја неправдата во самата структура и наградувајќи ги сторителите. Овој процес се одвива со векови, но се забрза во изминатите децении, бидејќи неколкумина стекнаа уште поголем удел во вкупното богатство и политичко влијание. Денес, само сто корпорации произведуваат 71 отсто од емисиите на стакленички гасови (штетни гасови). Најбогатите десет отсто од луѓето се одговорни за околу 50 отсто од емисиите на стакленички гасови, додека најсиромашните 50 отсто произведуваат десет отсто од емисиите.

Не сакајќи да им се спротивстават на оние што ја уништуваат нашата планета, политичките лидери влегоа во технолошки решенија, вклучувајќи геоинженерски пристапи, кои ветуваат дека ќе го исцицаат веќе испуштениот јаглерод од атмосферата. Дури и ИПЦЦ имаше претпоставки за такви технологии во многу од неговите моделирани мерки за спречување на глобалните температури да пораснат повеќе од 1,5 Целзиусов степен над прединдустриското ниво. Земете ја за пример биоенергијата со „фаќање“ и складирање јаглерод (БЕККС), водечки предлог до „нето-негативни“ емисии. БЕККС подразбира одгледување одредени култури како биомаса, горење на растителниот материјал за добивање енергија, „фаќање“ на испуштениот јаглероден диоксид при согорување и негово складирање под земја.

Тоа звучи ветувачки сѐ додека некој не сфати дека за одгледување биомаса до потребното количество се потребни околу три милијарди хектари земјиште, односно двојно повеќе од моментално обработливото земјиште на планетата Земја. Секој обид за спроведување на БЕККС би бил невозможен без масовно уништување на шумите и деградација на почвата во тропскиот појас на јужната хемисфера, каде што се произведува и најбрзорастечката биомаса. Грабежот на земјиште е практично загарантиран. Покрај тоа, бидејќи земјоделското земјиште се трансформира и приспособува за производство на биомаса, цените на храната може да се зголемат, што ќе поттикне глад и неухранетост. Уништувањето на виталните екосистеми исто така би им ја елиминирало егзистенциијата на локалните заедници и на домородните населенија.
Туркањето на БЕККС и други заблудувачки ветувања, како што се намалување на емисиите од уништување на шумите и деградација на шумите (РЕДД+), иницијативите и шемите за трговија со јаглерод, е целисходно за богатите земји, корпорации и елити, затоа што технолошката шарада им овозможува да продолжат да профитираат од климатската криза што самите ја создадоа. Но оддалечувајќи се од реалните императиви, ние само дозволуваме кризата да се продлабочи и несразмерно да се одрази врз оние што најмалку придонеле за неа.

Време е тие што ја предизвикаа климатската криза да преземат одговорност за нејзино решавање. За таа цел, владите во развиените земји мора да го преземат водството во драстично намалување на емисиите и тоа од самиот извор, спроведувајќи сеопфатна трансформација на нивните енергетски, прехранбени, транспортни и економски системи.
Суштинските чекори предвидуваат прекин на инвестициите во фосилни горива, трансформирање на нашите енергетски системи и фокусирање кон заедниците и јавните обновливи извори на енергија, напуштање на деструктивните практики како што се индустриското земјоделство и сеча, управување со биолошката разновидност и водните ресурси, како и реорганизирање на урбаниот живот за поддршка на одржливоста. Неолибералните договори за трговија и инвестиции што даваат приоритети на интересите на бизнисот заради одржливоста на животната средина и човековите права, мора да се преобратат за да се овозможат претходно споменатите решенија.

Истовремено, владите во развиените земји мора да обезбедат големо јавно финансирање за поддршка на толку потребната трансформација во светот во развој. За да се успее во тоа, транзицијата мора да биде праведна и да ги обезбеди правата на работниците, селаните, жените, мигрантите и домородните населенија. Тука, јавната сопственост е клучна. Социјалните движења во глобалниот југ веќе нудат модели на овој пристап. На пример, „Ла виа кампесина“, меѓународно движење составено од фармери, земјоделци од мали стопанства, земјоделски работници, рурални жени и млади лица, домородни населенија и други, покажа како земјоделството и агроекологијата можат да ја разладат планетата, да ги хранат своите жители, да ја негуваат својата почва, да ги поддржуваат своите шуми, да ја штити разноликоста на семето и да ги штити водените басени. Покрај тоа, управувањето со шумите во заедницата помага да се заштитат шумите, да се заштити егзистенцијата на оние што зависат од нив и да се зачува биолошката разновидност. Во моментот, само осум отсто од светските шуми се во рацете на заедниците. Со силна политичка волја и правилна политика, можеме систематски да се справиме со климатските промени и сродните кризи, вклучувајќи и со загубата на биодиверзитетот, недостигот од вода, гладот и порастот на нееднаквоста. Меѓутоа, ако продолжиме да ја јакнеме фантазијата дека некакво „магично решение“ ќе нѐ спаси, тогаш напредокот ќе биде невозможен.

Авторката е претседателка на меѓународната организација „Пријатели на Земјата“