Исцеление на душата

(збирка новинарски текстови на Киро Кипроски за Бигорскиот манастир)

Киро Кипроски е новинар со несомнено професионално искуство и умеење, но едновремено и со топло човечко срце. Таа убава согласност меѓу новинарскиот осет и човечката благородност како да му е дарувана да биде посветен децениски хроничар на големиот духовен храм и монашко светилиште „Свети Јован Претеча Бигорски“. Секој што имал среќа да стапне во ова единствено место каде што под благотворната закрила на природата е изграден манастирскиот христијански храм, се восхитувал во доживувањето на чудесната градба каде што божјото, природното и човечкото се сплотени. Какво ретко градителско, иконографско, зографско, кујунџиско создание е Бигорскиот манастир, кои извонредно талентирани неимари и мајстори учествувале во неговата градба во слава на Господа, и колку е импресивна природата што го опкружува!

Преданието вели дека манастирот бил формиран 1020/1 година, кога на стрмните падини на Бистра дебарскиот монах Јован ја пронашол иконата на св. Јован Крстител и на тоа место изградил храм. Чудотворната моќ на иконата и натаму зрачи во Бигорскиот манастир преку иконата за целивање, ремек-делото на иконописот од 17 век, која за иконата од преданието се врзува со натписот врз сребрениот оков каде што е врежана и годината 1021. И археолошките наоди откриваат постоење на мала еднокорабна црква на местото на манастирот, а уште едно предание, дека зетскиот кнез Јова Владимир, сопругот на Самуиловата ќерка Косара, кој на патот кон Преспа, каде што е убиен, застанал пред светилиштето и му се помолил на Господ за последен пат, сведочи за древноста на храмот. Се наближува, значи, милениумското опстојување на „Свети Јован Бигорски“ и неговата десетвековна екуменска улога во силната поткрепа на верата, сочувството, разбирањето и мирот меѓу христијаните и меѓу луѓето.

Книгата на Кипроски е содржаен прилог во чест на исклучително важното македонско духовно прибежиште со богата ризница врвни дела од посветените народни уметници.

Книгата ја чинат разнообразни текстови (многу од нив објавувани на страниците на „Нова Македонија“) – репортажи, разговори, проширени вести… – и низ сите провејува авторовата посветеност кон непроценливото значење на манастирот врз духовната историја на овој народ.

Авторот Кипроски имал своевидна среќа да ги бележи и пренесува искуствата од животот на манастирот во последните неколку децении. Имено, во манастирската хроника низ столетијата со постојани историски премрежиња, се извојуваат два периода кога бигорскиот храм доживува духовен, градителски и уметнички процут: едниот, од 1807 година, со доаѓањето за игумен на архимандритот Арсениј, по потекло од Галичник, и вториот, од 1995 година, со замонашувањето на сегашниот архимандрит Партениј. Нивната грижа за манастирот, нивното целосно вживување во неговото чување, доградба, разубавување се за огромен восхит. Кипроски, со фактот што токму во овој период е сведок и запишувач на манастирскиот живот, се соочил со клучни настани во неговиот развој. Ја илустрираме неговата соживеаност со манастирот со фрагмент од тешките мигови по пожарот од 30 септември 2009 година, кога настрадаа североисточното и северозападното манастирско крило. Но и во тие траурни деноноќија, не изостануваа пожртвуваната сечовечка солидарност и помош.

Кипроски пишува: „Низ десетвековното опстојување, Бигорскиот манастир многупати ја покажал својата духовна сила, која го обединувала народот и во тага и во радост.

Монасите се оптимисти и веруваат дека и овој пат, во оваа невидена катастрофа, силата пак ќе се појави и ќе се обнови ова древно македонско светилиште, кое претставува бисер на македонското градителство, на нашиот дух, на нашата култура и историја“. Навистина, со верата и духовниот влог на монасите на чело со отец Партениј, со несебична помош на народот, донаторите, државата, со голема професионална грижливост во реконструкцијата и избор на идентичен материјал со некогашниот – горен палат, со конаците, ќелиите, трпезаријата го вратија и возобновија зракот и блескотот на светилиштето.

(продолжува)