Има ли државата адвокат?!

Државното правобранителство е еден, малку експониран во јавноста, но не баш мал орган, под директна контрола на Владата. Како битен сегмент од неговата надлежност, се наведуваат токму постапките за отуѓување на градежното земјиште. Освен тоа, тука се и експропријациите, денационализациите, работните спорови помеѓу државата и нејзините службеници… Но никогаш во изминативе години, додека политичките елити пред очите на целата јавност бескрупулозно се давеа во криминалот и во корупцијата, а државниот имот мистериозно исчезнуваше, споменатиот орган на државата не процени дека е потребно да се крене и да му се спротивстави на раскрчмувањето. Дали воопшто некој се сеќава на некој од досегашните носители на функцијата главен државен правобранител?

Последниот случај со наводната злоупотреба на службената положба заради препродажба на државното земјиште по повеќекратно повисока цена, освен тоа што ги сомничи поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски и уште неколку други лица, исто како и во повеќето досегашни слични ситуации, укажува на цела спирала на одговорност и на нефункционирањето на системот за заштита на јавните добра од ненаситната посесивност на политичките моќници. Искуството, за жал, покажува дека веројатно преамбициозно би било да се очекува оти понатамошната истрага и евентуален судски процес за конкретниов случај ќе резултираат со нешто што е блиску до вистината и дека ќе следува некаква компензација за оштетената страна. Но, со оглед на тоа што јавноста веќе подолг период континуирано се храни со слични афери, не може да не се постави прашањето како сето тоа е возможно. Ако за некоја рутинска административна работа обичен граѓанин треба со денови да виси по шалтери за да собере еден куп изводи, потврди, дозволи…, како толку сложени операции можат да се реализираат мазно и речиси прекуноќ, без никакви бирократски и законски бариери? Зарем сите тие документи не биле никаде заведувани, никој не им удирал печат, ставал потпис, давал мислење, процена…?

Државното правобранителство, некогашно Јавно правобранителство, е еден од органите задолжен да презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија. Не е тоа Народното правобранителство, на чие чело веќе во два последователни осумгодишни мандати се наоѓа Иџет Мемети, кој формално е под контрола на Собранието и кој ги застапува интересите на граѓаните.

Државното правобранителство е еден, малку експониран во јавноста, но не баш мал орган, под директна контрола на Владата. Како битен сегмент од неговата надлежност, се наведуваат токму постапките за отуѓување на градежното земјиште. Освен тоа, тука се и експропријациите, денационализациите, работните спорови помеѓу државата и нејзините службеници…

Веројатно во правобранителството ќе имаат некакво оправдување поткрепено со бројки на поведени, завршени, незавршени, добиени и загубени предмети, но тоа може да послужи само за статистики. На терен, државата постојано губи. Неповратно исчезнуваат нејзините движни и недвижни имоти, а во државниот буџет тоа соодветно не се отсликува. Се отсликува врз сметките на приватните лица и компании

Но никогаш во изминативе години, додека политичките елити пред очите на целата јавност бескрупулозно се давеа во криминалот и во корупцијата, а државниот имот мистериозно исчезнуваше, споменатиот орган на државата не процени дека е потребно да се крене и да му се спротивстави на раскрчмувањето. Дали воопшто некој се сеќава на некој од досегашните носители на функцијата главен државен правобранител? Како што на јавноста добро ѝ беа познати ликовите на главните државни обвинители, на пример.

Единствен, и тоа целосно погрешен, обид за исчекор, направи актуелниот главен државен правобранител Фехми Стафа, кога во октомври лани се обиде кај судот да издејствува привремена забрана за емитување на филмот „Ругање со Христос“. Оттогаш ниту го слушнавме ниту го видовме. Исто како и повеќето негови претходници.

Веројатно во правобранителството ќе имаат некакво оправдување поткрепено со бројки на поведени, завршени, незавршени, добиени и загубени предмети, но тоа може да послужи само за статистики. На терен, државата постојано губи. Неповратно исчезнуваат нејзините движни и недвижни имоти, а во државниот буџет тоа соодветно не се отсликува. Се отсликува врз сметките на приватните лица и компании.

Ретките независни истражувања на овој сегмент од системот покажаа дека Државното правобранителство е една од најзатворените институции во Македонија, дека неговата ефективност не е на задоволително ниво, дека целосно е надвор од фокусот не само на домашната јавност, туку како да е невидливо и за Европската комисија, која континуирано го следи и редовно го оценува функционирањето на институциите во земјава. А токму поефикасно функционирање на овој орган би можело да превенира многу од проблемите што се споменуваат во сите досегашни извештаи на Европската комисија.

Конечно, Државното правобранителство, генерално, како институција на системот, има долга традиција бидејќи неговиот развој започнува штом развојот на правото во едно општество ќе го достигне нивото на кое се воспоставува јасна разлика помеѓу сопственоста на државата и сопственоста на владетелот. Со оглед на главно формалниот карактер на оваа институција, во Македонија, очигледно, таквото ниво сѐ уште не е достигнато.

[email protected]