Ракометната федерација на Македонија (РФМ) распиша конкурс за избор на нов селектор на машкиот национален тим. Според критериумите на РФМ, кандидатите за селектор ќе треба да достават биографија со постигнати спортски резултати, да имаат висока или виша стручна наобразба во областа на спортот, да имаат тренерска лиценца од најмалку трета категорија или т.н. лиценца „мастер-коуч“, да имаат подготвено четиригодишен план и програма за работа со сениорската селекција и со младинските категории и да познаваат најмалку еден од светските јазици. Конкурсот трае пет дена.

Задачата да го селектираат најдобриот меѓу кандидатите за селектор ќе ја имаат претседателот на Здружението на тренерите, Гино Стрезовски, и членовите на Управниот одбор на РФМ, Георги Тренкоски и Дарко Алексовски.

На ракометната репрезентација на Македонија во почетокот на април ѝ претстојат два квалификациски натпревара со Исланд за пласман на Европското првенство во 2020 година, а во јуни се и реванш-мечевите во квалификациите со Турција (на гости) и со Грција (дома). Пласман на ЕП обезбедуваат двете првопласирани селекции во групата.