Зошто не сме с’што

Колумнава ја пишувам претпразнично; можеби е симболично тоа што денес (10 октомври) е Меѓународниот ден на менталното здравје. Добро потсетување во време кога ни делат дијагнози за колективно лудило лица зрели за проверка, во кое психијатри промовираат стратегии за борба против корупцијата (со ум до бум), но и во предвечерјето на 11 Октомври, кога од нас Бугарија бара да се извиниме што постоиме. Ако Грците од нас побараа „историска“ тапија дека Александар е нивен и тие се негови директни наследници, Бугарија е уште подрска и побезобразна. Во тукушто објавената рамка (услови) за преговорите пишува дека „ревизијата на делови од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на (бившиот) југословенски тоталитаризам“. Знаете што значи ова, нели? Не треба да цртам дека нѐ нарекуваат креација на југословенскиот тоталитаризам, ние „деловите на бугарскиот народ“, нели?! Младите не се сеќаваат, но Југославија иако авторитарен систем, никогаш не била тоталитарен режим како што беа оние зад Железната завеса. Но сега тие ни ги кројат и судбината и иднината, ама и минатото! Кај нашата елита молк: тие не можат толку да нѐ понижат, колку што можеме да издржиме ние. Затоа, во пресрет на одлуката за „фамозниот Датум“ (големата буква не е грешка, таква светост мора да се персонализира), а која е далеку од извесна, ако го прашате Париз, ние срамежливо ќе одбележиме востание против „неидентификуван фашистички окупатор“ (Иљче Затаркоски на Фејсбук).

Ова е многу повеќе од обична уцена поврзана со македонскиот идентитет и нивните нескриени аспирации (подигнати на ниво на национална опсесија). Ова има врска со нечистата совест на Бугарија од времето кога ние бевме дел на антифашистичката коалиција, т.е. на вистинската страна на историјата, а тие на спротивната. Политиката на проширување на ЕУ никогаш не била благородна и криела тајни агенди и ниски нагони кај одделните држави, но во случајот на Македонија се покажа сета мизерија. Кога во 2007 година Бугарија влегуваше во ЕУ, сите во Брисел беа свесни дека државата е неспособна да си внесе ред дома. Слично беше и со Романија. Но превагна геополитиката. Сега од нас како услов се занемарува домашниот неред, ами се бара ново пишување на историјата на соседите на начин на кој ќе се избришат нивните црни петна од минатото. Историско пазарење и обелување образ, наместо признавање на историската одговорност за сите злосторства – тоа не е рецепт за помирување! Ова што ни се случува е само уште една индикација дека процесот на проширување е девалвиран до степен во кој е киднапиран од партикуларистичките барања на одделни држави, кои го злоупотребуваат привилегираниот статус за да наметнат нечесни и потенцијално опасни услови врз аспирантите. За разлика од германскиот претседател, кој ѝ се извини на Полска за нацистичката инвазија, Бугарите бараат од Македонија да се извини што била предмет на окупација. Како што забележува пријател, редефинирањето на историјата го почнавме самите во 1991-та, откога стана незгодно да се споменува водството на КПМ; пред портите на НАТО и ЕУ го бришеме името на окупаторот, а следниот чекор најверојатно ќе биде укинување на празникот како трага од „комунистичкиот тоталитаризам“.

Веќе дваесетина години ЕУ гради нова верзија на европската историја во духот на „братство-единство“: сите биле добри, сите се бореле против тоталитаризмот (без оглед кој бил тој), сите биле жртви и никој не бил злосторник. Германија е единствената земја што мина низ процесот на денацификација, уште многу одамна и со сопствени сили се соочи со тешкото минато и последиците. И научената лекција беше „никогаш повеќе“ (иако Четвртиот рајх мнозина го наѕираат во економскиот „тоталитаризам“ и третманот на периферијата). Такво искуство нема ниту една друга нација, и покрај крвавите страници, особено од колонијализмот (неоколонијализмот е толку убаво спакуван за да не се забележи). Не е чудно што и Бугарија, која толку сака да биде „стара демократија“, почнува намерно да страда од историска деменција.

За жал, ова не е нејзин оригинален изум. Идејата за изедначување на комунизмот и нацизмот, под ознаката за „два исти тоталитаризми“, воопшто не е нова. Уште во 1990-тите години триумфот на капитализмот се прикажа како победа на Доброто над Злото (социјализмот). На почетокот беше доволно тоа што постсоцијалистичките држави се посипуваа со пепел и се откажаа од „ѓаволот“ на комунизмот, копајќи што подлабоко во историјата за да си ги откријат „западните гени“. Во таа манихејска равенка, Западот е рамен на Доброто и Напредното, а Истокот е олицетворение на Злото и Назадното. Така, источните нации се „преселија“ западно, иницирајќи резолуции за осуда на тоталитаризмот од кој страдале за да докажат дека биле жртви. (За волја на вистината, Грците барем за национален празник го имаат Охи-денот, денот кога му кажале „не“ на германскиот ултиматум, а не се срамат и што имаат каква-таква левица). Диференцијацијата се засили со заострувањето на Студената војна 2.0, русофобијата и паранојата. Претставувањето на 9 Мај како Ден на ЕУ, наместо како Ден на победата над фашизмот, исто така, не е случајно. Кога Западот прави воени паради без да ја спомне судбинската улога на Црвената армија и милионските жртви што ги даде СССР, тоа е дел на глобалната политика на моќ. Деновиве читам анализа во магазинот Jakobin, каде што Бугарката Цонева сведочи како бугарскиот празник (9 Септември), на кој требало да се одбележи 75-годишнината од победата над нацизмот во Рускиот културен центар во Софија (под наслов „Патот кон победата“), бил повод за остар демарш од бугарското МНР за „мешање на Русија во бугарските внатрешни работи“. Фактот дека патот до таа „победа“ го обезбедила Црвената армија е нешто што треба да се избрише. Цонева кратко заклучува: Реакцијата нема врска со Русија, ами со рехабилитацијата на бугарскиот фашизам и соучесништво во холокаустот.
Изедначувањето на „двата тоталитаризми“, за жал, се одвива токму во Европскиот парламент. По резолуцијата за европската сoвест и тоталитаризмот (2009), оваа година следуваше нова. Ако на почетокот во центарот на настојувањето да се изгради „заедничко европско сеќавање“ беше на холокаустот (фашизмот), сега таа е отворено антикомунистичка, поточно антилевичарска. Ова е култура на сеќавање што низ тезата за „двата тоталитаризми“ ги шверцува исклучиво антикомунистичкото оргијање, омаловажување и исмевање (како и карикатуралното первертирање) на антифашизмот, вели Срѓан Милошевиќ. Целта е создавање индиферентност кон сѐ поприсутните елементи на расизам, ксенофобија, шовинизам и сѐ што укажува да драматично свртување кон крајната десница. „Топката“ се префрла на теренот на минатото, за да не се види сегашноста, и да се „докаже“ дека опасноста од фашизмот е химера на анахроните левичари-сталинисти. Стигматизацијата на комунизмот е демонизација на сите левичарски и социјалистички идеи, но и рехабилитација на нацистичките колаборатори. Во ваквото фалсификување на историјата, на пример, се „заборава“ дека оние што се спротивставија на советската интервенција во Унгарија (1956) и Чехословачка (1968) беа комунисти, а дека СФРЈ никогаш не беше дел на Варшавскиот договор, ниту беше тоталитарна држава. Целта на новата резолуција е екскулпирање на капитализмот како таков. Репајиќ (ДиЕМ25) тоа го сумира вака: „Единствената идеологија, покрај нацизмот/фашизмот, која во 19 и во најголемиот дел од 20 век го користеше расизмот како начин за оправдување на своите злодела е капитализмот. Безброј злосторства – масовни убиства, геноцид и депортации – беа извршени врз основа на идеите на социјалниот дарвинизам и наводната инфериорност на популациите од Африка, Азија или домородните американски жители, а сѐ во име на прогресот и стекнувањето капитал во ера на империјализам.“

Гледано и низ оваа призма, ние имаме многу причини да не дозволиме да ни го одземат и извалкаат споменот и симболот на 11 Октомври, бидејќи не сме с’што: ниту историски, ниту идеолошки.