Александра Ѓуркова

Овие денови од Софија се огласија барањата на бугарските политичари и на т.н. Македонски научен институт во врска со главните обележја на македонската држава: македонската историја и македонскиот јазик односно нивното целосно негирање како предуслов за наводната поддршка за преговори со ЕУ.
Пред да ја изнесеме нашата реакција, би споменале дека е недопустливо отсуството на реакција од страна на ЕУ и на нејзините институции, како чувари на демократијата и на човековите права. А, овде се работи токму за тоа, за човековите права.

1. Во однос на третманот на македонските дијалекти како бугарски, теза што се провлекува шеесетина години наназад, треба да се споменат големиот број научни трудови уште од 19 век во врска со македонските дијалекти и нивното разграничување во однос на бугарските, како на пример трудовите на Л. Мазинг, А. Селишчев, В. Облак, М. Малецки, П. Зографски, Т. Китанчев, како и во 20 век: П. Хендрикс, Б. Гроен, А. Мазон, А. Вајан, З. Тополињска, В. Фридман и др. Во лингвистиката се прифатени и научно фундирани фактите дека дијалектната диференцијација во Македонија започнала од 11 век, од кога може да се следат голем број иновации, а основните црти на македонските дијалекти се проследуваат на преминот од 13 век кон 14 век. Како покарактеристични се издвојуваат: -губењето на ъ и ь и нивна замена со о (сон) и е (ден) во јака позиција, замена на назалот (он) со а: рака, асимилација на вокалната група –ае во –аа- кај глаголите во наставката –аат, губење на епентетското л (на земи), губење на наставката –т во 3 л. едн. (се задржува во западните македонски говори носит: носи), употреба на ќ и ѓ наместо прасловенските групи тј и дј (свеќа, меѓа) и други. Како покарактеристични црти на македонските говори наспрема српскиот и бугарскиот Христо Матов во 1895 год. во својата статија ги издвојува: -употреба на ѕ, застапеност на акцентските целости, особено во охридскиот и прилепскиот крај, употреба на помошниот глагол има покрај сум во перфектот: имам копано, сум копал, целосно губење на инфинитивот, додека во бугарскиот има остатоци, а во српскиот е зачуван.

Кога кон втората половина на 19 век, поточно во 1867 започнале во Македонија да излегуваат учебници на македонски говори од Димитар В. Македонски, Димитар Хр. Узунов, Кузман Шапкарев и почнале да се отфрлаат бугарските учебници, биле правени обиди од страна на Бугарското читалиште во Цариград да се искористат во определена мера македонските говори во учебниците како средство на бугарската пропаганда во училиштата. На ист начин подоцна во периодот од 1888 до 1891 год. и Ст. Новаковиќ издал два учебника со употреба на македонски говори за потребите на српската пропаганда. Македонската културна историја ги чува трагите од аспирациите на соседите во минатото, што доби кулминација и во Балканските војни 1912-1913 год. Сепак, реториката на 19 век применета од бугарската страна повеќе не одговара со прогресивните тенденции на 21 век, кога човековите права се неприкосновени во Европа и во светот.

2. Во врска со статусот на македонскиот стандарден јазик првенствено треба да се обележи дека процесот на кодификација е започнат со тенденцијата во 19 век да се пишуваат дела и учебници на западномакедонски говори, преку дејноста на Ѓорѓија Пулевски, Константин Миладинов, К. Шапкарев. Вистинска артикулација на идејата за македонски литературен јазик е книгата на Крсте Мисирков „За македонцките работи“ во 1903 год. Во неа се определени главните поставки: -за основа на литературниот јазик се земаат централните говори (Велес – Прилеп – Битола – Охрид), -правописот е поставен на фонетска основа, со отстапки пред етимологијата, -во лексиката треба да бидат вклучени сите македонски говори. По создадените услови во 1944 год. овие поставки беа земени како главни постулати за нормата на македонскиот јазик со што се заокружува процесот на кодификација на македонскиот. Македонскиот јазик беше прогласен за службен јазик на македонската држава на првото заседание на АСНОМ, тогаш во рамките на Југославија, и можеше слободно да се употребува во еден дел од етничката територија на Македонија. Во рамките на славистиката се објавени неколку граматики од странски лингвисти: R. De Bray, Guide to the Slavonic Languages, section 6- Macedonian, 1951, 243-312.; H. Lunt, Grammar of the Macedonian Literary Language, 1952; Н. Ковалев, Македонскый язык, 1977; V. Friedman, Macedonian, Slavonic Languages, Comrie, Corbett (eds.), 1993; F. Mareš, Makedonská gramatika, 1994; Z. Topolińska, Zarys gramatyki języka macedońskiego, 1995; Р. Усикова, Грамматика македонского литературного языка, 2003. Се разбира, од големо значење за македонскиот се граматиките на К. Кепески („Граматика за училиштата за средно образование“) и на Бл. Конески „Граматика на македонскиот литературен јазик“ 1 и 2 (1952-1954). Во рамките на научните истражувања на македонскиот јазик се објавија: Речникот на македонскиот литературен јазик во 3 тома (1960-1965), како и Толковниот речник на македонскиот јазик во 6 тома (2000-2006) во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје и „Дијалектите на македонскиот јазик“ во 3 тома од Б. Видоески (1998-1999), издание на МАНУ. Македонскиот јазик е застапен и се проучува во рамките на меѓународните славистички проекти и на Меѓународниот славистички комитет преку работата на комисиите. Како дел од меѓународниот проект „Современи промени во словенските јазици (1945-1995)“ под водство на Универзитетот во Ополе, Полска македонските лингвисти беа вклучени во 1994 год., а со меѓународен редакциски комитет и рецензија томот „Македонски јазик“ под редакција на Л. Минова-Ѓуркова беше публикуван во 1998 год. Меѓународната афирмација преку учество на македонисти од светот на Меѓународниот семинар по македонски јазик, литература и култура што се одржува секоја година во Охрид, Македонија го потврдува македонскиот како предмет на проучување во балкански и словенски контекст.

Македонскиот јазик е признаен во меѓународни рамки, во ОН како официјален јазик во Македонија и во меѓународната комуникација и како малцински јазик во рамките на ЕУ единствено во Романија, како регионален јазик при ратификацијата на Европската повелба за регионални и малцински јазици, додека со посебна спогодба од 2004 год. на Македонија со Србија и Црна Гора е уредена заштитата на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора, како и на заштитата на српското и црногорското малцинство во Македонија.

3. Се осврнуваме и кон непризнавањето на македонското малцинство. Во Бугарија според извештајот насловен „Македонците во Бугарија“ на Центарот за документација и информации за малцинствата во Југоисточна Европа (Minorities in Southeast Europe. Macedonians of Bulagria. Dimitras P. (ed.), Center for Documentation and Information on Minorities in Europe – Southeast Europe (CEDIME-SE) од 1999 год. бугарската држава ги смета Македонците од Пиринска Македонија како бугарска етно-национална група (Канев, CEDIME Interview at the office of the Bulgarian Helsinki Committee, June 22, 1999). Според истиот извор, македонскиот како мајчин јазик го навеле 5.300 Македонци. Во врска со признавањето на јазикот, со декларација донесена во февруари 1999 е признаен македонскиот јазик како официјален во РМ (извор: MILS News, 22/2/99, „Declaration for Solving the Language Dispute in Sofia Today“). Според податоци од бугарскиот попис во 1992 год. има 10.803 Македонци, според македонски извори 200.000, според Канев: 15.000 до 20.000. Во споменатиот извештај се заклучува дека во Пиринска Македонија како Македонци се определуваат од 10.000 до 25.000 луѓе, а бугарската држава и јавноста го негираат нивното право на смоопределување. Во периодот по Втората светска војна постоела слобода за изразување на националната припадност, па во пописот од 1946 год. како Македонци се изјасниле 252.908 жители на Бугарија, најголемиот дел од Пиринска Македонија. Во периодот до 1948 се признава македонската нација и се постигнува и еден вид културна автономија: изучување на македонскиот јазик и историја, отворен бил и Македонски народен театар во Благоевград (Горна Џумаја), во „Пиринско дело“ биле печатени прилози на македонски итн. Таквата ситуација траела во изменета форма до 1958 год. кога почнал стриктно да се промовира ставот дека македонска нација не постои, односно дека е тоа бугарска нација, а сето тоа се промовира и преку текстовите на БАН во врска со историјата и со јазикот. Бугарија како членка на ЕУ сѐ уште не ја ратификува Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Македонците во Бугарија го употребуваат својот дијалект во секојдневната комуникација, а единствено во Благоевград излегува весникот „Народна волја“, како периодичен весник за историја, култура и уметност, во кој се објавуваат текстови и на македонски стандарден јазик. Инаку, според објавените песни и приказни во збирката „Македонски народни умотворби од Разлошко, Пиринска Македонија“ 1992 год. (Скопје) се покажува дека народниот говор е добро зачуван и со слабо влијание од бугарскиот.

Ако ги земеме предвид демократските постулати на ЕУ и потребата од нивно спроведување, Бугарија се поттикнува да ги примени средствата за унапредување на јазичните права на малцинствата, поточно: Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Европската повелба за регионални и малцински јазици на ЕУ, Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата против дискриминација во образованието на ОН.

Александра Ѓуркова е редовна професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје, УКИМ (Се занимава со теми од областа на историјата на македонскиот јазик и социолингвистиката. Во текот на 2012/13 – главна истражувачка на проектот „Јазичното планирање и јазичната политика во Република Македонија“.)