Предраг Вучковиќ, фотограф на екстремни спортови

­Предраг Вучковиќ од Србија е фотограф на екстремни спортови. Сѐ што носи доза адреналин, возбуда, сѐ што е необично и тешко да се улови со фотоапарат, за него е вистински предизвик. Фотографирањето опасни локации, екстремни височини, морски и океански длабочини, скокови од работ на највисоките карпи и од универзумот се само дел од неговото богато портфолио. Тој патува низ светот и со својот објектив ги лови најекстремните ситуации. Снима летање, нуркање, водни спортови, скокови од височина, качување на карпи, на мраз…

Предраг е еден од петте официјални интернационални фотографи на „Ред бул“ во светот, што му овозможува да фотографира некои од најекстремните проекти и натпревари. Тој беше дел од третиот интернационален самит за фотографи и видеографи што се одржа минатата недела во „Чифте-амам“, за кој вели дека е еден од најдобрите на кои учествувал, со многу душа, прекрасна енергија, супер луѓе, одлична атмосфера, комуникација, предавачи…

Како се навлековте на оваа екстремна уметност?
– Цел живот се занимавам со екстремни спортови, а фотографијата секогаш е во мене, сега помалку се занимавам со луди спортови, а повеќе се посветив на фотографијата. Тоа беше и мојата предност, познавајќи ги екстремните спортови, и вештини, правам и добри фотографии, и мојата предност е што можам да дојдам до одредени локации, места, до кои многу фотографи не можат.

Што фотографирате кога станува збор за екстремните спортови?
– Јас фотографирам сѐ друго што другите не можат. Фудбалот, кошарката, не ми се предизвик, туку она што е необично, поинакво. Мото слободен стил, скокови со мотори, нуркање, разни експедиции, качување на карпи, водни спортови…

Што е најважно за да се направи добра фотографија?
– Во овој тип фотографија најважен е моментот. Тој момент може да е скок, или некоја акробација што спортистот ја прави, а моја задача е да го уловам најдобриот момент од изведувањето на неговата вештина. На пример, ако скока, да го фатам кога рацете му се раширени, тоа се мали работи што многу значат. Значи да го претставам на најдобар начин, најдобриот момент на екстремниот спортист. Некогаш кога гледам некоја моја фотографија, си велам ова сум можел да го направам 10 пати подобро, но да ми дадеа плус 10 минути, но немав 10 минути, туку 30 секунди. Временското ограничување, временските услови, субјектот што е во постојано движење, условите што постојано се менуваат влијаат на фотографијата. Секој ден е сѐ различно, различна локација, светлосни услови, културите се различни, луѓето, и треба да се приспособиш на сите услови, но предизвикот затоа, пак, е голем.

Имате фотографирано 400 различни спорта во над 60 земји, популарни имиња, големи спортисти… Дали постои сегмент од вашето портфолио со кој особено се гордеете?
– „Ред бул“ има околу 500 фотографи од 160 земји. Но на локално ниво, 60 фотографи се дел од групацијата „Ред бул фотографи“, и пет-шест што сме интернационални, кои ги покриваме најголемите и највозбудливите настани и случувања. Конкретно за „Ред бул“, каде што сум лиценциран интернационален фотограф, имам направено над 600 фотографирања низ светот, во повеќе од 70 земји. Плус континуирано сликам и други активности, за други клиенти. Со фотографиите сум поврзан преку локации, луѓе, време, некогаш и онаа што не е најдобра, има големо значење.

Се ставате во позициите на екстремните спортисти, сакате да ја доловите нивната перспектива. Дали сметате дека си давате тешка задача?
– Некогаш имам голем притисок. Кога работиме на некои големи проекти, на кои подготовката трае пет дена, а самиот скок, на пример, трае само една секунда, и ако не го фатам моментот, како да не се ни случил. Така што некогаш навистина имам голем притисок. Ако се качуваме на некоја планина седум дена, и целиот тим потроши седум дена, за некој да скокне од планината, јас треба да го документирам целиот пат, а и главниот скок, така што често со себе носам голем притисок. Но најдобро работам под притисок.

Во какви авантури сте се впуштиле?
– Страшно водам сметка за безбедноста и за мојата и за луѓето со кои работам. Ни една фотографија не би имала вредност, доколку некому нешто му се случи. Тоа е начин на кој функционирам. Непредвидените работи ги сведуваме на минимум. Една од најтешките авантури ја доживеав на Антарктикот, каде што поминав 35 дена, и ми беше една од најтешките експедиции. Ја качувавме највисоката карпа на Антарктикот и изведовме бејс-џамп скок (вид падобранство со скок од карпа или фиксна структура) од неа. Тоа е најтешкиот проект што го имав. Затоа што 35 дена да поминеш во такви околности без греење, без нормални животни услови, каде што е замрзнато, ладно. Исто така проектот, кој постојано ме следи, како моја најсилна референца е „Ред бул“ и скокот на Феликс Бумгартнер од стратосферата, од висина над 36 километри, познат како скок од работ на универзумот. Еден од проектите што се случуваат еднаш во животот и можно е да нема реприза.

Најопасна фотографија што сте ја направиле?
– Тешко е да се издвои. Има некои што изгледаат опасно, а не се опасни, а од друга страна некои што не изгледаат воопшто опасно, а се премногу опасни. Зависи од кој агол и на кој начин тоа се гледа.

Кој ви е најпредизвикувачки спорт за сликање?
– Она што навистина ме привлекува е подводната фотографија и водата воопшто. Ако треба да издвојам нешто тоа е водата во кој било облик. Затоа што кога водата учествува во фотографијата тогаш сѐ е уникатно, не постојат две исти фотографии, два исти момента, два исти брана, две исти капки вода, секоја фотографија е уникатна.

Ретко некој се занимава со ваков тип фотографија…
– Не е едноставно да се работи и не може секој да го работи. Секој може да биде фотограф за свадби, родендени. А јас кога имам одреден настан, се подготвувам како и спортистот за натпревар. Имам физички и кондициски подготовки. И не се сите луѓе за тоа, некои не се занимаваат со никаква физичка активност.
Кога зборуваме еве конкретно за подводна фотографија, подводниот фотограф мора да биде добар нуркач, да знае да управува вешто со подводната камера и да е безбеден под вода. Кога сите вештини со кои се занимавам и тренирам со години ќе се склопат во една целина го прават моето портфолио. Не е едноставно.
И посебна опрема е потребна. Некој ќе каже скапа е фотографската опрема, но некој за да учествува во некоја експедиција мора да вложи колку во фотографска опрема, толку и во опрема за себе, во опрема за качување или што и да се бара од него. Има два трошока. Така што овие проекти се доста скапи.

Следни екстремни предизвици?
– Немам одредено. Но во мај сум ангажиран на еден проект во Њујорк. Мој пријател од Лос Анџелес ќе лета со хеликоптер и ќе прави бекфлипови (превртување во воздух), акробации, нешто како акробатско летање со хеликоптер, и самата локација над Менхетн е прекрасна и воодушевувачка.
Да се добие дозвола таму за што било е тешко, така што едвај чекам.