Македонија е рангирана на 84-то место во Глобалниот индекс на конкурентноста што го подготвува Светскиот економски форум. Во извештајот за 2018 година има податоци за 140 економии што преку 98 индикатори се организирани во 12 столба. За секој индикатор, користејќи скала за оценување од 0 до 100, се искажува за тоа како една економија би можела да се појави во својство на „идеална држава“ или ограничи во областа на конкурентноста. Од извештајот може да се забележи дека стагнацијата на повеќето држави се случува во областа на иновациите. Со овој извештај, Светскиот економски форум покажува како економиите на државите реагираат кон глобалните промени.

– Стопанската комора на северозападна Македонија годинава е институционален партнер на Светскиот економски форум. Според податоците, Македонија се рангира на средината или на претпоследното место во регионот, Европа и Северна Америка. Глобализацијата и иновациите несомнено ќе бидат поттикнувачи на државата за да се постигне подобра благосостојба. Тука огромно влијание имаат клучните креатори на политики што ќе влијаат на развојот и напредокот на државата, помагајќи и во многу области, преку кои ќе се постигне безбедно соочување со новите глобални економски трендови и во сите други сфери – стои во соопштението на СКСЗМ.

Од Комората појаснуваат дека загрижува што во првиот столб каде што се институциите, Македонија е рангирана на 85-то место, што укажува дека бизнисот има институционални тешкотии во неговото функционирање.

– Исто така, во вториот столб – инфраструктура, што е многу важно за здрава економија, нашата земја е рангирана на 80-то место, што покажува дека барањата на СКСЗМ за реализирање капитални инвестиции во инфраструктурата се повеќе од важни. Друг важен аспект за економиите се и квалитетното образование и обука на работната сила, каде што земјата е рангирана на 81-то место, додека во потстолбовите со кои се оценува квалитетот на стручното образование е рангирана на 130-то место, со што повторно се докажува дека во нашата земја недостига соодветна работна сила, односно работна сила што одговара на барањата на пазарот – посочуваат од комората.
Финансискиот систем според овој извештај покажува дека Македонија е рангирана на 80-то место, додека поддршката на локомотивата на економијата, имено, малите и средните претпријатија, со кредити е рангирана на 114-то место, индикатор со кој се потврдува неможноста за пристап до финансирање за МСП.

Позитивна оцена има во четвртиот потстолб, кој се однесува на инфлација, односно на одржување позитивна стапка на инфлација, каде што Македонија го дели првото место со 74 други држави.

Најдобро рангирани во извештајот на Светскиот економски форум за глобалната конкурентност за 2018 година се САД, Сингапур и Германија, а најлошо Хаити, Јемен и Чад. Е.Р.