Во викенд-бројот, од 16-17 февруари, е објавен текст „За Александар Велики и за Република Северна Македонија“ од професорот на универзитетот „Колгејт“ во Њујорк, Роберт Гарланд.

Го цитирам само оној дел во кој станува збор за јазикот на кој зборувале Македонците и вели „…Така останува аргументот за јазикот, а тој отвора трнливо прашање: дали Македонците зборувале на некаков грчки дијалект или станува збор за посебен јазик или некаква комбинација? Тие немаат литературни записи и немаат оставено никакви натписи на нивниот сопствен јазик, па затоа немаме сигурни факти“.

Претпоставувам дека професорот, господин Роберт Гарланд е познавач на историјата на Елада (Грција), а секако и податокот што е потврден во светот на историографијата дека Александар Македонски не го знаел јазикот на Елините, па го повикал учениот Аристотел, кој живеел во Атина, а по потекло е од Халкидики, да го научи да говори хеленски. Така што ова „трнливо прашање“, како што го нарекува проф. Роберт Гаралд, е многу познато и не е јасно зошто го нарекува трнливо.

Во историјата на човештвото постоеле доминации на извесни култури и јазици. Денес тоа е доминација на англофонијата и небаре нема човек во цивилизираниот свет што не го говори англискиот јазик, што, пак, не значи дека сите оние што го говорат овој јазик, покрај нивниот мајчин, на пр. македонскиот итн., се Англичани или Американци.

Овој податок зборува дека Александар Македонски имал почитување кон елинската култура, како доминантна во тоа време, и сакал да ги прошири своите сознанија, што не значи дека бил Елин, но каде што одел и освојувал, тој ја ширел во тоа време доминантната култура на Елините, со што во никој случај не го негирал своето македонско потекло.

Така што во земјите што ги освојувал бил Александар Македонски, а не бил Александар Елински. Промената ја прави поновата историја, нарекувајќи го Велики, а тој навистина бил Велики, но бил Македонски.

Инаку професорот сигурно знае дека Старата Елада била до Лариса, за по распаѓањето на Отоманската Империја, во 1912 год., големите сили, тогашни а и денешни, да ѝ ја доделат едната од трите Македонии т.е. Егејска или Беломорска на старата Грција (која била до Лариса), а другите две – Вардарска на Србија и Пиринска на Бугарија, што ќе ги донесе и двете балкански војни меѓу овие три земји, незадоволни од распределбата направена од „големите сили“.

И само да додадам дека името Македонија не е само привилегија на Грција, туку тоа е привилегија на Балканот. Па, еве, Грците го промовираат слоганот „Македонија е Грција“, не и „Грција е Македонија“. Мислам, една бесмислица создава друга бесмислица.

Ана Матова, проф. по историја во пензија