Во интервју за британско ТВ-шоу, Џони Ротен, членот на бендот „Секс пистолс“ и коавтор на нивниот контроверзен хит „God Save The Queen“, рече дека принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл се паразити.
Изјавата ја даде во текот на новото шоу на Пирс Морган, гласен критичар на двојката.
Во емисијата што се емитува на новиот канал Толк ТВ, рокерот откри дека не ја почитува кралската двојка.

– Извинете, но мислам дека тие се покажаа како паразити. Ако сакате да се откажете од таа семејна ситуација, тогаш ве молам направете го тоа и најдете си работа во „Мекдоналдс“ – рече тој, одговарајќи на прашањето на Морган што мисли за неодамнешните кралски драми на двојката.
Ротен дополни дека и двајцата се неблагодарни.

– Но не очекувајте дека сè уште ќе издвојувам пари за да ги поддржам вашите глупости. Се чини дека тие се неверојатно неблагодарни – или барем тој е.
Ако не сакаш да бидеш јавна личност, затвори ја устата! – рече рокерот, алудирајќи на принцот Хари.

Интервјуто со британската панк-рок ѕвезда беше по повод 45-годишнината на неговата песна „God Save The Queen“, а во пресрет на платинестиот јубилеј на кралицата.