Концертот насловен „Волшебната хорна“, на кој како солист ќе настапи Марк Грубер на хорна од Германија, вечерва е на програмата на Филхармонијата. Диригент е Конрад ван Алфен (Холандија), а на програмата се Концертот за хорна и оркестар бр. 1 од Рихард Штраус и Симфонијата бр. 5 од Антонин Дворжак.
Марк Грубер уште од рана возраст го покажува својот интерес кон хорната. Од 2009 до 2012 година студира хорна кај професорот Јоаким Плтл, на универзитетот „Роберт Шуман“ во Дизелдорф, Германија. Од 2012 година студира кај професорот Пол ван Зелм, на Универзитетот во Келн. Настапува како солист со најдобрите младински оркестри во Германија, со кои свири и како главен хорнист. Во 2013 година станува член на Европскиот младински оркестар и на оркестарот „Бетовен“ од Бон. Од 2016 година е главен хорнист во Симфонискиот радиооркестар на Франкфурт.
Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.