Доделени се 20 награди во повеќе категории и признанија за трајни вредности. Повеќе од четири часа на сцената не се штедеше на топли зборови, добра музика, ретки луѓе и убава енергија

Успешно, духовито, со примеси на „Македонисимо“, со ноти за сечиј вкус, со хумор и сатира и за левите и за десните, со свечени најави за најуспешните, без скржавење на зборови и епитети, во радиоактивна позитивна енергија помина и сребрениот јубилеј на „Златна бубамара на популарноста“.

Сашко Коцев во веќе познатото издание успеа да ја насмее публиката и, конечно, во ритам на годинешното мото на манифестацијата, да се ослободиме од стегите на пандемијата и да живнеме. Годинава, како по обичај, солидно се создаде материјал за инспирација за хумор. На нишан се најдоа и датумот за преговори за ЕУ, политичарите, корона-пандемијата, натпреварот што по малку има излезено од дома, нѐ потсети и дека е во мода со никого да не се гледаш, или само со оној што со никого не се гледа. Ги спомена и немирите и војната меѓу Русија и Украина, дофрлувајќи дека „од сѐ што е руско ќе се откажеме, освен од руска салата“. Се смееше и на сметка на дефицитот од масло, што мора сега сончоглед да грицкаме за да произведеме масло (за скара на пример). За ваксерите и трансваксерите (оние што не се вакцинирани ама се чувствуваат како вакцинирани). Смеа предизвикаа и картонските полицајци, за кои Коцев смета дека треба да добијат карактер и идентитет, а не сите да се со ист израз…

И Атанас и Тино беа одлична „замена“ на Коцев. Беа придружни сили за смеење и добро расположение. Успеаја да ја одржат позитивната атмосфера во публиката. Повеќе од четири часа на сцената не сѐ штедеше на топли зборови, убава музика, убави луѓе, убава енергија…

Доделени се 20 награди во повеќе категории. И, секако, честа на првонаградени ја добија најмладите. Извидникот Петар Ачковски-Грашко, чија изјава за „неухранетите“ извиднички маки беше неофицијално прогласена за позитива на годината, ги додели наградите на продукцијата за деца. „Светот на Биби“ ја доби наградата за најпопуларна анимирана серија, а за најпопуларна детска ТВ-емисија е прогласена „Дајте музика“.

Симон Трпчески, кој доби награда како музички амбасадор на Македонија, овозможи публиката да „проба“ дел од проектот „Македонисимо“, чиј концерт е најавен за 15 септември во Скопје. Тој претставува сплет од традиционални ора и народни песни, во специјална пијанистичка обработка и во нов музички аранжман. Трпчески и неговата ќерка Лара, заедно со детскиот хор „Златно славејче“, ја изведоа „За овој свет“ од Тоше Проески.

Вистинска експлозија од емоции на сцената предизвика настапот на кралот на саксофонот Ферус Мустафов, кој доби награда за животно дело. Награди за животно дело годинава добија и Љупчо Трајковски-Фис, автор на над 500 песни, и рок-легендата Жељко Бебек.

Награди за трајни музички вредности добија Наум Петревски, Ристо Самарџиев, Благица Павловска и Васка Јанковска, пејачка на ромска музика, која има реализирано над 1.800 концерти низ светот, со години настапуваше со Оркестарот за свадби и погреби на Бреговиќ и која ја отпеа легендарната „Ерделези“.
За спортски достигнувања во минатата година, „златна бубамара“ добија таеквондистот Дејан Георгиевски, освојувач на сребро на Олимпијадата во Токио, и фудбалската репрезентација на Македонија. Кулминација на манифестацијата беше појавување на сцената на Дејан во комбинација со „Некст тајм“, кои добија „бубамара“ за најдобар спот, што ја крена публиката на нозе, предизвика огромни аплаузи, сплотеност и изрази на поддршка.

За бенд на годината беше прогласен „Фолтин“, а за композитор Никола Мицевски. Музички дует за 2021-та е дуото Александар Митевски и Драган Спасовски, а наградата за џез-соработка им припадна на „Тавитјан брадарс“.