Кон театарската претстава „Сара“, во режија на Елеонора Теова

Рецензија

На 17 мај, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, ќе се случи еден чудесен настан. Таму длабоко ќе одекнат звуците на животот, оној што се случува и поминува низ нашите очи, оној што одамна останал празен, однесен од виорот на трагичното чувствување, во незнаењето дека не постојат граници на љубовта и ќе се запрашаме, чуму бегствата од само навидум „среќниот брак“ во мигот во кој живееме.
Каде го изгубивме денес кормилото на вистинските вредности, на вистинската љубов, на тишината и хармонијата во љубовта? Денес сенешто нарекуваме со тоа име. Денес ги живееме деновите на најголемата темнина во човековата душа. Љубовта како љубов кон душата на човекот, како безусловна и безгранична во ова време е непозната. Влеговме во големата духовна ладнотија. Опкружени сме со темнината и копнежот за Бога без да сме свесни за тоа. Но одеднаш копнееме некој да ја види нашата душа, во тишината да ја разбере нашата болка, копнееме за некоја лојална и исполнета со љубов божествена креација, некој што ќе нѐ сака заради самите нас и сѐ ќе направи – во името на божествената љубов.

Но што е љубовта, таа е неосудување и давање без очекување. Но денес таа се изопачи во својата суштина и јаство, во оваа темна страна на времето љубовта помеѓу луѓето стана трговија и објективизација на точното дозирање во давањето и примањето. Љубовта стана бизнис. И не чуди фактот дека таа во овој материјален свет стана врзана за најниските страсти, таа стана трговија со најдуховните пориви на нашата душа. Што му недостига на човекот, тоа е Бог на прво место и некоја душа што во тишина ќе го сослуша, душа што е лојална и има за нас безусловна љубов, некој да нѐ прифати точно онакви какви што сме во исконот. Душа што ќе нѐ сака без разлика на нашиот општествен статус, нашите успеси и падови, нашата финансиска моќ. Нам денес ни е потребна љубовта без материјалните вредности и преференции што станаа неприкосновени во овој свет, а ги исклучија душата, духот и хармонијата во спокојот. Сето ова се замени со математички точното морално проституизирање.
Како одамна да измина времето на убавината. Онаа убавина што нѐ спасува. Отаде и страдањето е неминовно. Зависиме од мислењата на околината и другите луѓе, но каде е душата што ќе го разбере нашето најдлабоко јаство? Каде е Бог во овој трагичен свет? Или, поточно, зошто демонот, а не Бог завладеа со нас?

Во овој материјален свет, љубовта се изопачи и доби некоја нова дефиниција. Можеме да крвавиме однатре во тешката егзистенција, но однадвор ние мора да имаме навидум среќен брак, две деца, мора да глумиме среќно семејство. Но што е среќата? Среќата е кога нашата душа се прегрнува и љуби со другата. Велиме дека живееме во среќно семејство, а денес бракот личи на војна помеѓу двајца непријатели. Еднаш во животот ќе мора да одиме под површината и да му кажеме ДА на животот, оној што одамна останал празен, оној што го живееме за другите, без да ја славиме убавината што нѐ спасува. Бегствата, изневерувањата, пороците не се далеку од навидум или она што ние денес го нарекуваме среќно семејство. Денес живееме во семејство каде што секој за себе го живее животот. Другиот ни е само статусен симбол и не ги знаеме неговите духовни потреби. Душата во тоа „среќно семејство“ е празна, тешка е и полна е со копнежи. А копнежот е болка од многу желби во недостиг од Бога во нашата егзистенција. Еднаш ќе треба да му кажеме и НЕ на животинскиот инстинкт на животот и да одиме на онаа страна на материјалниот и површен лажен перфекционизам. Денес сѐ погласно го поставуваме и прашањето на егоизмот, нарцисоидноста и злото и дојдовме до осиромашување на духот каде што среќата ни е прикажана само на фотографиите во нашиот дом, или на социјалните мрежи. Добивме виртуелна среќа на грбот на душата и вистинската љубов. Денес го живееме животот кога среќа и радости имаме сѐ помалку, а предмети сѐ повеќе, а душата ја заборавивме. Денес толку гордо го изговараме и она: да, луѓе сме и ништо животинско не ни е туѓо. Ние не се разликуваме во грабливоста и во егоизмот со нискиот ум на животните, но дури и тие станаа посовршени од нас. Паднавме како човештво на испитот на свесноста, која ни е дар од Бога. Ја изгубивме душата низ маниризмот и порнографијата на животот, катаден живеејќи за некои непознати луѓе, кои воопшто не ги интересира како ние се чувствуваме однатре. Денес, повеќе од кога и да е, ни е потребен искрен пријател, некој со кого ќе ги поделиме сите наши стравови и соништа. Модерниот брак во овој свет стана тема да се докажеме, покажеме и на крајот ако тоа го изгубиме, сѐ на другиот да му наплатиме. Се случи самракот на вистината и ние веќе не знаеме каде таа почнува, а каде завршува страдањето. И ние како Чехов на крајот се согласуваме дека знаеме колку одвратен и досаден станал нашиот живот и секој однос што започнува заради нешто друго, а не заради љубовта, тој веќе за миг се претворил во страдалничкиот сјај на овој мистичен свет, тогаш трагедијата силно чука на нашите врати.

Живееме во времиња кога сите вредности ја изгубија својата вредност. Живееме во најголемата темнина, онаа од која, несфатливо како, дојдовме и онаа во која ќе продолжиме во вечноста ако сега и тука не се разбудиме. Ова е времето на атеизмот и дарвинистичкиот селекционизам, на атеизмот што никогаш не оди сам туку се пројавува во тријадата на анархизмот, нихилизмот и иморализмот. Веќе не знаеме што е добро, а што е зло, збунети сме и дезориентирани. Современиот човек тоне во дегенерација и самоуништување.

Денес душата трескавично крвави во овој изопачен свет. Таа крвави за тишината подалеку од трескотот и суровоста на секојдневието и копнее да се соедини повторно со Бога во љубовта. Денес човекот копнее за безусловната љубов, некој да нѐ љуби заради сопствената душа, со целата лојалност и на тој начин да го љуби Бога. Дури тогаш таму човекот ќе ја види божествената манифестација што нѐ создаде и нѐ доведе на земјата. Таму се копнежите човечки, а не љубовта онаа чиста и исконска да се вулгаризира заради сето она што е „вредност“ во ова изопачено време.
Што ли денес не направивме во името на нељубовта? Онаа што самите ние со нашата несовршеност и површност така ја нарекуваме? Љубов…
Дали само Сара можеше да го види тоа? И токму поради тоа, таа мораше да биде засекогаш уништена во и од виорот на ова пеколно време.

Да, во името на љубовта, ние денес почнавме еден со друг да се истребуваме до смрт.
Сите овие духовни превирања внатре во нас не можеа да се остварат без маестралната режисерска палка на Елеонора Теова, авторката Катерина Момева, сценографијата на Филип Коруновски и без овие вонвременски и неповторливи играчи во актерството Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Симона Димковска, Кристина Зафирова, Самоил Стојановски и Славица Манаскова.

Автор: Проф. д-р Мимоза Рајл, директорка на Институтот за сценски уметности