Утврдување факти за фактите

Споредбата со комисиите за историски прашања воспоставени во некои европски земји по Втората светска војна е споредба на баби и жаби. Имено, комисиите во тие земји не се направени по диктат на политиката и членовите не се назначени од политичари, туку од самите историчари и се произлезени од нивните здруженија или институциите каде што работат. И најважното од сѐ е тоа што членовите на комисијата не му поднесуваат извештај на министерот за надворешни работи, како што е со нашава комисија. Тоа не е само неприфатливо туку и незамисливо, зашто вистинските научници никому не му поднесуваат извештај, а најмалку на политичарите. Напротив, политичарите се тие што даваат отчет, ако не на науката, тогаш, иако задоцнето, на судот на историјата

Во обид да ја заврши добиената домашна задача, копретседателот на мешаната македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања целосно се соголи себеси и којзнае по кој пат го покажа своето „знаење“ не само за историјата, за која има дури докторат!?! (ова е показател за нивото на нашето образование и на мерилата на нашите научни установи) туку и за основни работи од општа култура. Обидувајќи се да го избрише фашистичкото минато на Бугарија, мудро нѐ учи дека требало „да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, затоа што овие простори би биле анектирани кон Бугарија доколку победеле силите на оската, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација. Профашистичка да, меѓутоа фашистичка не.“ Но ајде по ред да му го објасниме, на претседателов, значењето на овие термини. Прво, инвазијата на Кралството Југославија и на тогаш виканата Вардарската бановина ја направија Германија и Италија, кои потоа најголемиот дел од Македонија, на послужавник ѝ го дадоа на Бугарија, та затоа никако не може да се зборува за бугарска инвазија. Фактичката состојба: со бугарска војска на теренот, воспоставена власт со институции (затвори, училишта итн.) на бугарски јазик, сѐ до пред крајот на војната кога Бугарија ја смени страната, со јазикот на меѓународното право се нарекува единствено со зборот окупација. Ама она што не знае е дека окупација никогаш не се определува со идеолошки ознаки: фашистичка (профашистичка – со негови зборови), демократска, монархистичка итн., од проста причина што се прави со оружје, и тоа е воена окупација. Идеолошките и политички ознаки, пак, ѝ се даваат на власта којашто ја одржува таквата окупација. А, пак, карактерот на бугарската власт е докажан во науката и меѓународно признаен (Парискиот мировен договор од 1947 г.). Претседателов на комисијава единствено е во право кога вели дека „овие простори би биле анектирани кон Бугарија доколку победеле силите на оската“, зашто присоединување територии во време на војна и со војна, според меѓународното право не е дозволено, та според тоа е неважечко и непризнаено. Таков пример денес е Палестина, т.е. окупација на источен Ерусалим – според резолуциите на Советот за безбедност на ОН тоа е израелска окупација, а не анексија.

Понатаму претседателов тврди дека Бугарија не била фашистичка земја, како што биле фашистичка Италија и нацистичка Германија, зашто немало фашистичко уредување во земјата!!! Докторот по историски науки би требало да знае дека ниту Италија ниту Германија при преземање на власта не го смениле државното уредување и дека државните органи и тела биле исти, само што нив ги воделе политичари со нацистичко-фашистичка идеологија, впрочем како и во Бугарија, каде што, претседателов сепак признава дека имало „условно кажано, фашистички движења, кои имале фашистички идеи“ ама тие не биле во рамките на бугарската држава!?! Ако не биле во рамките на бугарската држава, тогаш се прашуваме на која планета (на Марс ли?) дејствувале таквите организации и каде и како се затруле раководителите на бугарската држава со фашистички идеи за свечено да ѝ искажуваат (Б. Филов, претседател на бугарската влада) огромна благодарност на Германија, која помогнала во остварувањето на идеалите за бугарска држава од Дунав до Егејско Море и од Охрид до Црно Море, а пак бугaрското собрание да изгласува Закон за заштита на нацијата. Дали Собранието било невладина организација или орган на бугарската држава? И ако немало фашисти во државата, зошто тогаш во 1945 г. Отечествениот фронт со декларација планира чистка на фашистичките елементи од државните институции? И според претседателов, требало Бугарија да ја третираме како пронацистичка, профашистичка земја (веројатно по аналогија на пробугарски настроени елементи). И на крајот, за збогатување на неговата генијална терминологија предлагаме уште еден термин: бидејќи фашистичките движења биле условни, тогаш и бугарската окупација и власт во Македонија треба да се нарекуваат условни! Звучи убаво зарем не? А во секој случај тоа би бил одличен компромис за бугарската страна.

Исто така треба да се разјаснат извртувањата што, свесно или од незнаење, кај нас се прават во врска со македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. Членовите на комисијата, политичарите не ги споменувам бидејќи тие не го разбираат тоа, па дури и историчари како папагали повторуваат дека комисијата требало да работи на утврдување факти. Ова е нов изум на балканските политичари, за жал, проголтан и од не мал број историчари. Имено, фактите се утврдуваат со долготрајно и макотрпно копање по документите, литературата и сл., а не со неколкудневно брборење во комисија востановена од политичари. Споредбата со комисиите за историски прашања воспоставени во некои европски земји по Втората светска војна е споредба на баби и жаби. Имено, комисиите во тие земји не се направени по диктат на политиката и членовите не се назначени од политичари, туку од самите историчари и се произлезени од нивните здруженија или институциите каде што работат. И најважното од сѐ е тоа што членовите на комисијата не му поднесуваат извештај на министерот за надворешни работи, како што е со нашава комисија. Тоа е не само неприфатливо туку и незамисливо, зашто вистинските научници никому не му поднесуваат извештај, а најмалку на политичарите. Напротив, политичарите се тие што даваат отчет, ако не на науката, тогаш, иако задоцнето, на судот на историјата. Притоа сите забораваат и премолчуваат дека најголемиот дел од фактите се одамна утврдени. Па така се поставува прашањето зошто се прават вакви комисии.

Од проста причина што за фактите има различни толкувања во зависност од аголот на гледање и од субјектот на настанот: сеќавањето на жртвата и на извршителот на злото не се и не може да бидат исти. А историчарот, во зависност од тоа чие гледање/сеќавање ќе го цени како поважно за настанот така ќе го толкува настанот. Но ако историчарот на прво место ги стави причините за настанот ќе може да ги избегне субјективните толкувања од видот на жртва. Школски пример за ова е барањето на Бугарија за бришење на бугарското фашистичко минато, замка во која, за жал, свесно или не, влезе и нашата комисија, а политичарите не заслужуваат да се споменат. И така, наместо да се занимаваат со научна работа и за резултатите од неа да разговараат на научни собири, членовите на комисијата работат на приспособување, всушност на извртување на фактите, со цел да се наметне поинакво толкување на минатото, во интерес на политичкиот миг. Притоа забораваат дека ситото на историјата ги чува и памети само доказно поткрепените, а не политичките толкувања на минатото.

Автор: Наде Проева