На овој ден се одбележува празникот Обрезание Господово, споменот на Свети Василиј Велики, а го одбележуваме и настапувањето на Новото лето
Господово според јулијанскиот календар, по кој црквата се раководи. Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат и како домашна слава

На 14 јануари, и секогаш на ист датум, во календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија со црвени букви се обележани три празници, различни еден од друг. Тоа се Обрежание Христово, Свети Василиј Велики и Стара нова година.
Кај верниците најмногу се познати Василица, која се слави во чест на Свети Василиј, како следбеник на Исусовата вера, и Стара нова година, односно почетокот на православната година по јулијанскиот календар. Покрај МПЦ-ОА, според јулијанскиот календар, православна Нова година слават и Српската и Руската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора.
Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние што го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.
На Василица верниците кршат и пита со паричка и исто така се верува дека на оној што ќе му се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година.
Во голем дел од градовите низ Македонија се организираат маскенбали или, популарно наречени, василичарски карневали. Нивното одржување се поврзува со испраќањето на старата година и пречекот на новата, за која се верува дека треба да биде подобра и посреќна.
Отец Бобан Митевски, свештеник од МПЦ-ОА, вели дека на овој ден празнуваме тројно славење, и тоа празникот Обрезание Господово, споменот на Свети Василиј Велики, а го обележуваме и настапувањето на Новото лето Господово, според Јулијанскиот календар, по кој црквата се раководи.
– И, ете, токму црквата „премудро устроила Новото лето Господово да започнува токму со Обрезанието на Господ Исус Христос, кој беспочетен и безвремен по Своето Божество, влегува во времето како човек, за да го освети, да го облагороди, да го направи средство што ни помага да стасаме до вечноста“. Свети Василиј Велики, пак, е првиот отец и учител во сесветската библиографија, кој пишувал за еволуцијата на светот и на битијата. На овој ден ја прекршуваме питата или лебот со паричка, во спомен на чудото од времето на Свети Василиј – објаснува отецот.
Во житието на Свети Василиј лежи и причината поради која на овој ден се дели лепче со паричка.
За спомен на овој настан, и денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Нова година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка во него.

– Во времето кога Свети Василиј Велики станал архиепископ кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, Свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе отишле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено – пишува во житието за Свети Василиј.

[email protected]