ТАЛЕНТИ

Софија Ташкоска од Прилеп е млада и надежна пијанистка, која во изминатиот месец учествуваше на пет меѓународни натпревари по пијано и се врати со пет први награди, гордо претставувајќи ги основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ и градот Прилеп. Со први награди се закити на меѓународните фестивали „Арт ин“ во Кавадарци и „Музичко пролеќе“ во Смедерево, Србија, од интернационалните пијано-натпревари „Сергеј Рахманинов“ во Сараево, БиХ, и „Пијано фест“ во Битола и последната прва награда е од неодамна завршениот меѓународен натпревар на млади пијанисти што се одржа во Гевгелија.

Софија заврши второ одделение во музичкото училиште во класата пијано кај професорката Христина Никоска-Тасеска. Љубовта кон музиката, осумгодишната Софија ја има отсекогаш. Можеби е и наследна, бидејќи нејзиниот татко Менде е магистер, професор по народни инструменти во музичкото училиште во Прилеп, а мајка ѝ Марија се грижи за другиот дел од образованието.
Софија не може да помине ниту еден ден без дружба со своето пијано. Секој ден е исполнет со слушање многу музика, пеење и свирење. Иако музичкиот ген е наследен од таткото, за усовршување на талентот е „виновна“ нејзината омилена професорка Христина Никоска-Тасеска, која неуморно и секојдневно ја мотивира и охрабрува да чекори по патот на музиката.

Секој напорен труд и работа даваат резултати, а оваа учебна година Софија има со што да се пофали. Сепак, за неа најголемо признание за неуморната работа беше учеството на Годишниот концерт на музичкото училиште, кој се одржа на 13 јуни, во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, затоа што, како што вели младата пијанистка, „најубаво се чувствувам кога свирам пред моите наставници и другарчињата од музичкото училиште“.
Софија со одличен успех заврши и второ одделение во ОУ „Блаже Конески“. Паралелно вежба и карате и гимнастика, а прекуден чита детски книги. Хоби ѝ е и цртањето.

Ка.М.