Калифорниската компанија „ХајПоинт“ развива иновативен дизајн на криоген резервоар, кој би можел значително да го зголеми опсегот на водородни авиони. Станува збор за исклучително лесен резервоар во споредба со традиционалниот, кој може да им помогне на авиокомпаниите да летаат на четири пати поголеми растојанија од традиционалните патнички авиони.

На пример, авионот „де хевиленд канада даш-8“ може да прими од 50 до 56 патници и има досег од околу 1.558 километри кога користи традиционално гориво. Доколку истиот авион би се напојувал со горивни ќелии и новиот резервоар, досегот би бил 4.488 километри.

– Тоа е разликата помеѓу лет од Њујорк до Чикаго со високи емисии на јаглерод и лет од Њујорк до Сан Франциско без емисии на јаглерод – вели коосновачот на „ХајПоинт“, Сергеј Шубенков.

„ХајПоинт“ неодамна потпиша договор со ГТЛ за развој на ултралесни криогени резервоари направени од композити од графитни влакна и други материјали. Овие резервоари носат огромно намалување на тежината за 75 проценти во споредба со современите криорезервоари, метални или композитни. Резервоарот на ГТЛ, долг 2,4 метри и со дијаметар од 1,2 метар, тежи само 12 килограми и може да собере повеќе од 150 килограми водородно гориво. Огромното намалување на тежината би можело да им овозможи на авиокомпаниите да летаат четири пати подолго од традиционалните авиони на гориво, а притоа да ги намали оперативните трошоци за околу 50 отсто додека целосно да ги елиминира емисиите на јаглерод.

Сепак, останува уште многу работа да се направи за да се усвои водородот во голем обем, вклучувајќи пробни летови и масивни инфраструктурни работи. Но сето ова се вклопува во напорите на воздухопловната индустрија да го намали нејзиниот јаглероден отпечаток, кој сочинува повеќе од 2 отсто од сите емисии предизвикани од човекот. Во оваа акција се вклучуваат и други големи компании, меѓу кои и „Ербас“, кој најави дека до 2026 година ќе го опреми „ербас А380“ со водороден погон.