Фото: Игор Бансколиев

Во двегодишното научно истражување на Стивен Тејлор, професор по психијатрија на Универзитетот на Британска Колумбија, се тврди дека за 10-15 отсто од луѓето животот нема да се врати во нормала, поради „влијанието на пандемијата на нивното ментално здравје“. Во истиот контекст, водечки експерти за јавно здравје од Велика Британија објавија заеднички сознанија дека „ударот на пандемијата врз менталното здравје, веројатно, ќе потрае многу подолго од нејзиниот удар на физичкото здравје!“ Резултати од истражување во САД откриле дека „повеќе од половина од лицата што останале без работа во текот на пандемијата пријавиле негативни последици врз менталното здравје“… „Нова Македонија“ се консултира со експерти социолози за овие прашања, а направи и мини-анкета меѓу граѓаните, за тоа како се чувствуваат тие по драстичното олабавување на здравствените протоколи…

Како се чувствуваат граѓаните по драстичното релаксирање на здравствените протоколи

Ширењето на коронавирусот влијаеше и на индивидуалното и на колективното однесување на луѓето. Но сега, по динамичниот тренд на намалување на ширењето на заразата и намалување на бројот на заразени и заболени, сѐ повеќе се чувствуваат раздвиженост и оптимизам кај луѓето. Колку е тој основан и ако трендот продолжи така, колкав период ќе биде потребен за граѓаните да се вратат на вообичаената дневна динамика, која ја имале пред појавата на пандемијата?

И во Македонија први знаци на раздвиженост, мотивираност и возбуда од „паѓањето на маските“

По две години од појавата на коронавирусот, граѓаните во Македонија можеа да ги поминат велигденските празници без посложени здравствени протоколи за заштита од ширење на коронавирусот. Со континуираниот пад на бројот на заболени лица, здравствените власти во земјава ги донесоа ковид-мерките, со кои меѓу другото се укинува носењето маски на затворено. Ова значеше дека се укинува мерката за задолжително носење маски во затворени простории, освен во здравствени домови, аптеки, јавни превозни средства (автобус, воз, авион, такси), установи за згрижување стари лица и лица со посебни потреби, а учениците од средните училишта да следат настава со физичко присуство без задолжително носење заштитни маски. Исто така, се укинува забраната за организирање екскурзии и настава во природа во основните и во средните училишта. Дополнително беа прифатени препораките со кои престанува да важи обврската за домашните и за странските државјани што влегуваат во нашата земја на граничниот премин задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација или за прележан ковид-19 во последните 180 дена. Олеснувањето на режимот на движење беше прифатен со големо одобрување од граѓаните, кои во изминатиот период мораа да бидат претпазливи во комуникацијата со другите лица.
– Јас не носев маска на работа веќе неколку месеци, но претходно го прележав ковидот. И досега освен во автобус или во маркетите не влегував без маска, така што не забележав некоја голема разлика. Генерално се чувствувам поспокојна, зашто има помалку заболени. Но очекувам брзо да се укине и носењето маски на лекар и во аптека за да можам полесно да се разберам, зашто послабо слушам – ни изјави наша повoзрасна сограѓанка. Многу пензионери го делат ова мислење.
– Додека ја носам маската се чувствувам непријатно, обезличено, несреќно. Сега можам да се движам слободно и во затворени простори и без заштитната маска сум поведра и расположена. За првпат влегувам и во автобус без маска и никој не ни забележа од сопатниците, што ме направи послободна – вели скопјанката Валентина Марковска.
За промената на расположението кон подобро и поведро, поради падот на рестриктивните здравствени мерки, односно поради намалување на опасноста од коронавирусот, слично зборуваа и повеќе наши сограѓани, затекнати на јавни места во групи или поединечно…
Меѓутоа, за издвојување е дека ширењето на коронавирусот дефинитивно влијаеше на колективното однесување на луѓето. Според истражувачите, на граѓаните ќе им биде потребен период од неколку месеци да се вратат на вообичаената дневна динамика, која ја имале пред појавата на пандемијата, велат некои од социолозите со кои разговаравме.
– На почетокот на коронавирусот италијански социолог изјави дека епидемијата ќе остави голема трага кај луѓето. Во текот на епидемијата така и се однесувавме, поради изолациите, социјалната дистанца, а непосредната комуникација со луѓето ја сведовме на минимум. Во основа, тој период не можевме да го подведеме под вообичаените стандарди на социјална комуникација. Сега, со попуштање на здравствените протоколи се чувствува една свежина во односите меѓу луѓето, видлива е силната желба за разговор со другите лица. Со еден збор имаме отворање кон заедницата. Во наредниот период очекувам да се вратиме брзо на вообичаените навики, кои постоеја пред појавата на коронавирусот, но со мала доза на резерва, во смисла дека понекогаш ќе нѐ потсетува на некоја можна опасност како коронавирусот. Но тоа нема значајно да го измести нашето однесување и луѓето ќе се вратат на своите вообичаени текови од животот. Зашто, со или без коронавирусот, нашите секојдневни проблеми остануваат и тие мора да се надминуваат – ни изјави Ѓорѓи Тоновски, социолог.

Отуѓувањето под влијание на пандемијата, најголема болка

Здравствените протоколи повеќе влијаеја на социјалната комуникација во заедницата, но се одразија и на семејните врски и односи во семејството, додава Тоновски.
– Односите во семејството и за време на пандемијата не се променија во споредба на претходниот период. Коронавирусот се одрази на социјалните односи меѓу членовите кај оние семејства што директно ја почувствуваа болеста, од аспект на губење на работните места на родителите или се соочија со загуба на живот на најблиските. Значајни промени на релацијата родител -дете имаше при воведувањето на онлајн наставата, што навистина беше неодржлива состојба, со сите претходни и дополнителни обврски што произлегуваа за родителите околу наставата во домашни услови. Но и тоа беше надминато со воведување на редовната настава во училиштата – вели Тоноски.
Ковид-19 внесе страв кај многу луѓе, а некои од нив по завршувањето на епидемијата ќе продолжат да го носат ова чувство во себе. Некои од нив ќе почувствуваат и проблеми со менталното здравје и по епидемијата, односно да пројават симптоми на анксиозност или на опсесивно-компулсивно однесување поттикнато од ирационалниот страв од бактерии и зарази, но и од појавата на мутирани видови на коронавирусот, предупредуваат психолозите.
– Во автобус и во продавница и натаму носам маска. Тоа го правам и кога одам кај мајка ми и кога седиме во затворена просторија. Изгубив родител од коронавирусот и во фамилијата некои многу тешко го поминаа коронавирусот. И јас имав тешкотии со делта-сојот и подоцна и со омикронот. Се придржував кон сите протоколи, но ме фати вирусот. Продолжувам со носење маска и тоа ми помина во навика. Поминавме тежок период. Кога најмногу им требав на родителите, не смеев да одам да ги посетувам. Ги гледав од растојание, а претходно цело време се посетувавме. Не можев да ги прегрнам кога најмногу им бев потребна. Целосно се отуѓивме, а тоа ми претставуваше најголема душевна болка и сѐ уште не можам да се ослободам од тоа внатрешно чувство – ни изјави Васка Милошевска од Скопје.


Комисијата за заразни болести препорача укинување на сите рестриктивни мерки

Комисијата за заразни болести на вчерашниот состанок препорача укинување на сите рестриктивни мерки за справување со ковид-19, освен задолжително носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица.
Наедно, комисијата апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца.
Од комисијата потсетуваат дека вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.                           М.Ј.