Медицински совет

Добриот сон е еден од најважните фактори за добро здравје, но кога заспивате пред телевизорот, тоа не е можно. Иако многумина сметаат дека побрзо ќе заспијат со вклучен ТВ-апарат, експертите не се согласуваат со ова тврдење.
Многу истражувања покажуваат дека секојдневното користење на технологијата се одразува на нашиот сон, па со самото тоа и на целокупното здравје.
Анкетата на „Нешенел слип фондејшн“ покажа дека 60 проценти од Американците гледаат телевизија непосредно пред да заспијат, со надеж дека тоа ќе им помогне полесно да потонат во сон. Со спиењето пред вклучен телевизор се намалува производството на мелатонин, хормон што игра клучна улога во спиењето. Тој му сигнализира на вашето тело дека е време да се одмори и да закрепне по напорниот ден. Телевизорот и другите уреди што произведуваат сина светлина го намалуваат количеството на мелатонин што го произведува нашето тело. Тогаш мозокот потешко ги разликува денот и ноќта, а кога ќе се случи тоа, потешко заспива. Да се спие по осум часа дневно е еден од главните совети на експертите, бидејќи континуираниот замор го зголемува ризикот од дијабетес, зголемен крвен притисок, слаб имунитет, губење на паметењето, на концентрацијата и друго.