Градските приказни на ансамблот „Илинден“ беа изведени на целовечерен концерт, под насловот „Битола е градот“, во Офицерскиот дом. Изминаа повеќе од 67 години, откако ансамблот почна да ја чува, негува и да ја шири нашата традиција. Помеѓу тие бисери се „Градските приказни“, кои се подвижен музеј за овој град.
– Ансамблот е тука да го спои сето она што се менува и сето она што треба да остане исто. Ние сме врската помеѓу минатото и иднината. Тука сме да бидеме чувар на наследството, но и животворец на Битола низ песни и игри, затоа што Битола е градот – стои во најавата со плакат, кој за овој настан го дизајнира Сергеј Светозарев.
„Илинден“ е најстариот фолклорен ансамбл, едно од најстарите здруженија во Битола, кое 67 години е амбасадор на Македонија во светот.

– Сме настапувале од САД на запад до Јордан на исток, низ цела Европа, Австралија, Русија… Минатата година бевме дел од шестата светска фолклоријада во Уфа, Русија, како претставници на Македонија. Овој проект е нераскинливо врзан за нашиот ансамбл. Сите сцени на „Градските приказни“ се предизвик за нас, а Офицерскиот дом и како архитектура и како историја е место каде што се спојуваат Истокот и Западот. Идеален простор каде што можат да се претстават традициите ала турка и ала франга, преку непроценливи костими, песни и игри. Беше повеќе од предизвик да ги раскажеме нашите градски приказни токму на оваа локација, бидејќи ние сме еден од ретките ансамбли што ги има градските игри во формат на целовечерен концерт – вели Александар Стефановски, уметнички раководител на КУД „Илинден“.
Овој концерт, по барање на публиката, ќе се одржи уште неколкупати, а веќе пристигнуваат покани за настапи на други сцени и на еден голем интернационален настан во организација на една од амбасадите во Македонија.