Горан Столевски, режисер

Филмот „Нема да си сама“, на режисерот со македонско потекло Горан Столевски, чиј дом сега е Австралија, испровоцира позитивни критики, доби одлични рецензии, ги освои симпатиите на филмаџиите, а имаше и одличен прием на фестивалите. Периодов Столевски е посветен на својот втор долгометражен филм. На македонски насловот гласи „За едно време“ и е љубовна приказна што се одвива во предградијата на Мелбурн, меѓу 1999 и 2010 година. Истовремено почнува подготовки за филмот „Домаќинство за почетници“, кој ќе биде снимен во Скопје.
„Нема да си сама“ го сместивте во категоријата натприроден хорор-филм. Каков сегмент од човештвото сакавте да пресликате во надреална форма?
– „Нема да си сама“ е сурова бајка за девојка што расте во изолација, во близината на поречко село во 19 век. Откако е ослободена и претворена во вештерка, за првпат среќава луѓе. Убива селанка и ѝ го зазема телото. Главниот лик – како девојка, и евентуално вештерка, израсната без контакт со други луѓе – има перспектива на аутсајдер. Со нејзини очи и нејзин глас сакав самото човештво да го претставам како нешто егзотично и необично. Филмот воопшто не е традиционален хорор, дури би рекол дека и не е особено страшен. Попрецизно би го опишал како драма со натприродни елементи.
Како Македонија се најде и вклопи во целото сценарио?
– Приказната за филмот ја напишав на работилница со филмската агенција во Скопје. Сакав да доловам еден начин на живот што сега веќе брзо исчезнува. Ова е основата од која потекнува нашиот менталитет и за мене е важно да се зачува нејзината слика – од позитивните елементи исто колку и од негативните.
Ваш прв долгометражен филм, а портите кон успехот некако сами се отвораат…
– Па, не би рекол дека сами се отвораат. Веќе 20 години, со 25 снимени кратки филма и 13 напишани долгометражни сценарија, мислам дека самиот некако сосила ги отворам, ха-ха-ха. А за најголемите квалитети на филмот, мислам дека критиките и публиката ќе имаат многу подобро чувство од мене.
Австралија е ваш дом, филмот е австралиска продукција, но правите филм со хибридна екипа од цела Европа по македонска приказна, сместен на македонски терен… Што ве враќа кон Македонија?
– Не би рекол дека едното место повеќе ме привлекува од другото. Во гореспоменатите 13 сценарија има приказни што се одвиваат не само во Македонија и Австралија туку и во Романија, Србија, САД, Авганистан, Полска, Аргентина… Секако, животот во Македонија и во Австралија ми е попознат од другите места, па некако побрзо се пишуваат тие сценарија. Но, начелно, кога составувам приказни, повеќе ме интересира како живеат луѓето во сосема различни околности од моите. Самиот сум си прилично досаден.
По вторпат бевте дел од престижниот „Санденс“, што значи тоа за еден режисер?
– Дека делата во кои сум вложил повеќе години нема да исчезнат веднаш по премиерата. И се надевам дека ќе има можност да создадам повеќе други забележани дела.
Што ви донесе режисерка зрелост, умешност, за успехот да исплива на површина со првиот долгометражен филм?
– Секое снимање е полуконтролиран логистички хаос, составен од триста елементи, за кој едноставно не може да постои доволна подготовка. Апсолутно секоја секунда се заканува да се претвори во катастрофа. Сѐ мора да зависи од инстинктот. А секое снимање краток филм помага да се развие овој инстинкт. Полека – и многу тешко – се создава способност до некој степен да владееш врз тој логистички хаос и истовремено во секој момент максимално да останеш емоционално поврзан со глумците и со евентуалната гледачка или гледач на филмот.
По „Санденс“ и многубројните фестивали, како го гледате својот завршен производ на големото платно?
– Ме чуди што дел од мојот дух и сензибилитет постои на тоа платно. И ќе постои и по мене.