Три дена откако научниците од универзитетот „Флорида“ засадиле семе на цвеќе во примероци на почва од Месечината, тоа изртело.
Научниците се надеваат дека тоа е доказ оти растителните видови од нашата планета ќе можат да се одгледуваат и на други небесни тела во вселената.
Имено, НАСА ги собрала овие примероци за време на мисиите од 1969 и 1972 година на Земјиниот сателит, а неодамна им отстапила на стручњаците 12 грама, за да посадат семе на цветен плевел. Во истражувањето се користени 12 мали садови, во кои се наоѓал по еден грам почва од Месечината.

– Останавме без здив кога забележавме дека семето изртело и оти садовите се полни со зелени никулци. Ова сознание е револуционерно и отвора врати за нови експерименти на Месечината, но и на Марс – објаснува Ана Лиса Пол, професорка по хортикултура на универзитетот „Флорида“ и коавторка на студијата.
Семе од истата билка исто така е посеано и во пепел од вулканско потекло, кое според својот состав е најприближно до примерокот земен на Месечината, за научниците да ги споредуваат брзината и начинот на растење на растенијата. Примероците се чувани во исти услови – на температура од околу 23 Целзиусови степени со ЛЕД-осветлување.
Истражувањето покажа дека билките од вулканска почва растеле малку побрзо, што не е необично, со оглед на недостигот од хранливи состојки во примероците од Месечината. Научниците, како што тврдат, биле изненадени поради тоа што оние посеани на почва од Месечината воопшто никнале.

– За нас е неверојатно што овие билки растат. Ова откритие ни укажува дека е можно на Месечината да се одгледува храна, да се прочистува воздухот и да се рециклира водата со помош на билки на начин на кој ги користиме на Земјата. Исто така, резултатите на нашето истражување ни покажаа дека животот на Земјата не е ограничен само на нашата планета – вели Боб Ферл од споменатиот институт, кој исто така е коавтор на истражувањето.

Научниците и истражувачите на вселената со години се обидуваат да откријат дали животот е можен надвор од нашата планета. Меѓу најновите истражувања е и мисијата „Артемис 1“, која НАСА на големо ја подготвува. Меѓу другото, таа треба да одговори и на прашањето дали е воопшто можен живот на Месечината.