Фото: Игор Бансколиев

Како што информираа од Европол, криминалната мрежа користела млади жени вработени како одржувачи на домовите, односно како готвачки и чистачки, за да измамат постари лица. Младите жени имале задача да ги убедат постарите клиенти кај кои биле ангажирани, а кои биле од машкиот пол, да им позајмат поголеми суми пари

СЀ ПОГОЛЕМА БРОЈКАТА НА ИЗМАМНИЦИ, НО И НА ИЗМАМЕНИ

Откако навидум заврши корона-кризата, нашироко се отворија вратите за криминалните групи, кои преку многубројни измами се обидуваат да заработат големи суми пари, со кои, пак, ќе ги финансираат другите нелегални бизниси. Дека начините на измами и искористување на невините и неискусните граѓани се сѐ повеќебројни покажуваат и многубројните докази од страна на полициите во Европа и во земјава.
Последната во низата вакви измами беше забележана од страна на италијанската полиција, која, поддржана од Европол, разби криминална организација вклучена во голем број нелегални активности, вклучувајќи измама, сексуална експлоатација и перење пари. Во истрагата беа вклучени и органи за спроведување на законот од Германија, Холандија и од Романија.

ЉУБОВНИ ИЗМАМИ НАСОЧЕНИ КОН ЛИЦА ОД 70 ДО 90 ГОДИНИ

Семејна криминална банда по потекло од Романија оперирала во јужноиталијанската област Калабрија. Овие измамници целеле на постари лица, за да извлечат финансиски средства, а медиумите целата операција ја нарекле „Парични љубовни измами“. Како што информираа од Европол, криминалната мрежа користела млади жени вработени како одржувачи на домовите, односно како готвачки и чистачки, за да измамат постари лица. Младите жени имале задача да ги убедат постарите клиенти кај кои биле ангажирани, а кои биле од машкиот пол, да им позајмат поголеми суми пари. Според полицијата, тие во многу случаи се впуштале во љубовни врски со клиентите, при што користеле разни изговори дека им се потребни пари, почнувајќи од сериозни болести, од кои наводно заболеле тие или членови на нивното блиско семејство.
Криминалните активности биле насочени кон мажи на возраст меѓу 70 и 90 години, кои живееле сами, изолирани од своите семејства. Забележани биле дури и случаи на изнуда, доколку жртвите одбивале да дадат парични средства. Како што информираа од Европол, забележан е и случај во кој вработена измамничка во дом на постар човек му дала валиум, кој е силен лек, за полесно да го реализира грабежот на неговиот дом. Во таа пригода, жртвата претрпела два срцеви удари.
Жртвите им префрлале големи суми на жените, а во евиденцијата стои дека една жртва претрпела загуба дури од 20 илјади евра, како последица на оваа измамничка шема. Другите соработници на жените ги собирале парите и ги испраќале во Романија, преку различни начини и методи за трансфер на пари, а откако ќе пристигнеле во Романија, криминалните организации ги переле преку инвестиции во недвижен имот, возила и злато. Истрагата проценува дека криминалната банда со оваа криминална активност успеала да заработи повеќе од еден милион евра. Во текот на истрагата, органите на прогонот идентификувале 56 члена на криминалната банда, од кои 16 биле клучни актери во шемата.

ЉУБОВНИ ИЗМАМИ ВО ЗЕМЈАВА НЕМА, БАРЕМ ЗАСЕГА

Македонија досега нема регистрирано вакви случаи, иако бројот на измами е голем, меѓутоа во други области. Во земјава изминатиот период беа забележани случаи на измами во кои исто така цел беа постари лица, меѓутоа за набавка на дрва. Според информациите, забележан е случај кога две лица со комбе-возило оделе во куќите на постари брачни двојки, каде што барале пари за огревни дрва по поевтина цена од реалната. Вообичаено, домаќинот бил тој што заминувал со измамниците наводно дa ги земе дрвата, додека жената им ја давала бараната сума пари. Како по филмско сценарио, измамниците потоа го оставаа мажот на непозната локација, со објаснување дека ќе ги донесат дрвата, меѓутоа никогаш повторно не се појавуваа.
Во полицијата се регистрирани и други измами на лековерни граѓани. Иако не кон постари лица, сепак, изминатиот период беа евидентирани и голем број случаи на измами со изнудување пари од семејства на наводни сторители на сообраќајни несреќи. Криминалците вообичаено контактираа со семејства, со објаснување дека нивен член предизвикал сообраќајна несреќа во која има и жртви, по што бараа парични средства за да „ургираат“ да не добијат казна или, пак, да добијат полесна санкција. И во овие случаи се забележани поплаки на граѓани што ги уплатиле бараните средства, а подоцна, кога сфатиле дека се измамени, побарале помош од полицијата.
За жал, ваквите жртви кај нас не се ни први ни последни. Факт е дека измамничките шеми не престануваат, напротив, се развиваат и одат во чекор со времето, па во последно време се актуелни и многубројните интернет-измами, каде што жртвите се бараат на социјалните мрежи, преку разните лажни писма од некој богат роднина во странство, преку измислени лотарии, па дури и наводни наградни игри со злоупотреба на оригинални логоа и заштитни знаци на познати компании.
Експертите укажуваат на потребата од зголемена внимателност и неприфаќање шеми во кои на „волшебен“ начин се нудат пари, награди или какви било привилегии. Дополнително, тие опоменуваат дека со оглед на тоа што речиси секојдневно се евидентирани голем број случаи на интернет-измами, се очекува тие сѐ повеќе да растат, па токму затоа доколку некој се сомнева во некоја неочекувана „награда“ од каде било, треба да биде крајно внимателен и во никој случај да не му ги дава своите лични податоци на неовластено лице.