Кадифено мече, облека, предмети од домаќинството, мебел и уметнички дела што му припаѓале на модниот дизајнер Карл Лагерфелд наскоро ќе бидат изложени во Келн, а потоа аукциската куќа „Сотби“ ќе ја преземе продажбата.
Ќе бидат изложени и ракавиците, белата перика и црните очила за сонце, кои беа заштитен знак на познатиот Германец, а меѓу понудените предмети на претстојната аукција ќе се најдат и дела од германската уметност од раниот 20 век. Меѓу нив ќе биде и вредна колекција на германски рекламни плакати и мебел на архитектот и дизајнер Бруно Пауло.

– Продажбата во Келн ја раскажува приказната на Карл, модниот дизајнер, декоратер, колекционер и фотограф, и нѐ потсетува на неговиот оригинален имиџ, а почетните цени на предметите се од 50 до 80 илјади евра – велат од аукциската куќа.
Предметите ќе бидат изложени неколку дена, а потоа ќе почне онлајн аукцијата. Инаку, досега две третини од предметите на Лагерфелд беа продадени на аукциите во Париз и Монако, со заработка од 18,2 милиони евра.