Книгата „Планински врвови во Македонија“, промовирана неодамна, претставува збирка од 60 планински врва во Македонија, искачени во рамките на петте сезони на планинарскиот предизвик „12 врва“ (2016 – 2021).
Книгата беше претставена во рамките на планинарската акција за искачување на врвот Лисец, висок 1.935 м н.в. на планината Голешница, каде што и почна планинарскиот предизвик.

Во книгата „Планински врвови во Македонија“, која е испечатена целосно во боја на 184 страници, за секој планински врв може да прочитате општи податоци за неговата местоположба, височина, природни географски одлики и културно-историски факти. Наедно, во книгата се собрани, преточени и пренесени сите податоци собрани во рамките на спроведувањето на планинарскиот предизвик „12 врва“, каде што во петте досегашни сезони се искачени шеесетина врва, при што се пробиени и обележани 45 нови планинарски патеки во должина од над 762,4 километри од вкупно 1.202,9 изодени километри на турите, на кои се посетени 26 природни планински езера, 18 водопади, осум пештери, осум стари цркви и манастири и девет древни македонски старини (ископини), наоѓалишта и важни места од македонската историја и култура, како и неколку други природни реткости и знаменитости, а во неколку наврати беа засадени и над 500 зимзелени садници.

Целта на ова издание и книга како своевиден водич е од ваквото сеопфатно петгодишно уживање и истражување на планините во Македонија да се споделуваат податоците, кои ќе придонесат и послужат за понатамошно посетување, уживање и вреднување од планинарите, туристите и пошироката домашна и странска јавност со далекосежна добросостојба и придонес кон Македонија. Книгата „Планински врвови во Македонија“ е во издание на здружението „Единствена Македонија“ во соработка со планинарското друштво „Трансверзалец“.