Промоција на „Сонцестој“ од Катерина Гогова

Промоција на стихозбирката „Сонцестој“ од Катерина Гогова е закажана за 26 април, вторник, во 19 часот, во МКЦ. Стихозбирката е во издание на „МИ-АН“, промоторка е Снежана Стојчевска, а стихови ќе читаат Биљана Стојановска и Елена Митреска.
Сонцестој е синоним за астрономска појава, која е дефинирана од однесувањето на Сонцето дури Земјата се врти околу него и нејзината замислена оска. Па, така, постојат зимскиот сонцестој, или најдолгата ноќ во годината, и летниот сонцестој, односно најдолгиот ден во годината.

– Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга е всушност инструмент со кој се мери текот на времето. Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротивставени енергии што ги носи во себе се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг итн. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа. Гогова со оваа книга докажува дека веќе е зрел, изграден и препознатлив поетски глас. Континуитетот на нејзиниот поетски израз доживува градација и се развива во нагорна линија на квалитет и мајсторлак на поетскиот занает, што го прави читањето на нејзините книги вистинско поетско уживање – пишува Стојчевска.

Катерина Гогова е авторка на стихозбирките „Актите се кастрирани“ („Современост“, 2018) и „Пад во немирна вода“ (дом на културата „Кочо Рацин“, 2018), со која станува десетти носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година, кое го доделува домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.