Фестивалот „Џифони Македонија“ го избра данскиот филм „Кариран нинџа“ за третата сесија на програмата „Џифони филмски денови“, што ќе се организира в сабота, во Кинотеката на Северна Македонија. Во 10 часот, филмот, синхронизиран, ќе биде прикажан на македонски, а во 12 часот на албански јазик. „Кариран нинџа“ е наменет за публика од шест години нагоре.

Анимираниот дански филм „Кариран нинџа“ е во режија на Андерс Матесен и Торбјорн Кристоферсен. Приказната на анимираната детска авантура зборува за Алекс, ученик што добива нинџа-кукла од својот чичко Стјуарт по патувањето во Тајланд. Алекс наскоро сфаќа дека чудната шарена кукла, со копчиња наместо очи, всушност е жива и може да му помогне да се заштити од насилниците на училиште. Меѓутоа, кога Алекс одлучува да ѝ возврати услуга на нинџа-куклата, тој открива дека таа е опседната со мисијата да се одмазди.

Филмот е базиран врз книгата од данскиот комичар Андерс Матесен, кој исто така го режираше филмот заедно со Торбјорн Кристоферсен. Филмот беше селектиран во детската програма на Берлинскиот филмски фестивал 2018, а соборуваше рекорди во кината низ Данска.
„Кариран нинџа“ е добитник на наградата „Роберт“ од Данската филмска академија за најдобар филм за деца и млади, како и на наградата за најдобро адаптирано сценарио.