Објавен е првиот трејлер за „Аватар: патот на водата“, продолжение на сагата за чудесните жители на земјата Пандора, во која се прикажани нови суштества, риби што летаат, народот Нави и граѓанската војна меѓу нив. Зои Салдана ја репризира улогата на принцезата Нејтири, која е Нави, а Сем Вортингтон исто така се враќа како човекот што стана Нави, Џејк Сали.

Заплетот на филмот „Аватар: патот на водата“ се случува повеќе од една деценија по настаните од првиот филм. Неговиот фокус е на семејството Сали (Џејк, Нејтири и нивните деца), неволјите што ги придружуваат, нивната посветеност да ги заштитат своите најблиски и битките што ги водат за да преживеат.
Режијата е на Џејмс Камерон, продуценти се Камерон и Џон Ландау, а играат Зои Салдана, Сем Вортингтон, Стивен Ланг, Клиф Кертис, Џоел Дејвид Мур, Еди Фалко, Џејми Клемент и Кејт Винслет. Ќе се врати и актерката Сигурни Вивер, но сега како сосема нов лик.

Популарното остварување „Аватар“ на Џејмс Камерон од премиерата во 2009 година до април 2019 година го држеше рекордот за најголема заработка, кога беше надминато од филмот „Одмаздници: завршница“, но „Аватар“ е вратен на првото место, на кое стои и денес.

Една од причините поради кои публиката го чека продолжението речиси тринаесет години, како што објасни Џејмс Камерон, е тоа што најголемиот дел од филмот е снимен под вода. Долгоочекуваниот филм ќе биде достапен за јавноста во кината од 15 декември.