Еден од најголемите украински музеи за компјутери во приватна сопственост беше уништен во рускиот напад на Украина. Станува збор за музејот „Клуб 8-бит“, кој беше уништен при нападот на Мариупол. Ова преку Фејсбук го потврди сопственикот на музејот Дмитри Черепанов.

– Тоа е тоа, компјутерскиот музеј во Мариупол повеќе не постои. Сè што остана од колекцијата што ја собирав 15 години се фрагменти од спомени на фејсбук-страницата, интернет-страницата и радиостаницата на музејот – напиша Черепанов.
Музејот „Клуб 8-бит“ поседува повеќе од 500 експонати од компјутерската историја, а некои датираат од 1950-тите години. Тој беше еден од најголемите и најатрактивни музеи со колекција на компјутери од советската ера.

На Черепанов му требало повеќе од една деценија да собере и обнови многу од компјутерите изложени во музејот. Она што е особено значајно за овој музеј е фактот што ја документираше заедничката историја на украинскиот и рускиот народ.