Во текот на 1980-тите години од минатиот век беа снимени многу филмови што се најдоа на листата на најдобри на сите времиња, или најпопуларни или најкултни. Тоа е ера што беше жанровски колоритна, која најави многу подоцнежни трендови во седмата уметност, но и период што многумина сè уште сакаат да го имитираат.
Со оглед на тоа што оттогаш поминаа четири децении, некои од тие филмови годинава се стари четириесет години. Ги издвојуваме најголемите филмски хитови од 1982 година.

„Вонземјанинот И.Т.“

Овој филм за сите возрасти стана хит меѓу луѓето во светот и доби дури девет номинации за „оскар“, а во него го следиме момчето Елиот, кое се здружува со вонземјанин што по грешка останал на Земјата. Елиот и неговото семејство се обидуваат да му помогнат на малиот вонземјанин да се врати дома и во исто време да го заштитат од властите.

„Истребувач“

Харисон Форд е Рик Декард, ловец на избегани генетички луѓе познати како репликанти, а дејството се случува во дистопискиот Лос Анџелес во 2019 година. Филмот е препознатлив по многу нешта – атмосферата, етичките прашања и познатиот монолог на Рутгер Хауер, кој за некого е најдобар, а за некого најлош во историјата на филмот.

„Тутси“

Вториот најпрофитабилен филм таа година ја носи приказната за актер што создава лажен идентитет и се облекува како жена, за да може да добие нови улоги. Дастин Хофман се истакнува во главната улога, а Џесика Ланг доби „оскар“ за најдобра споредна женска улога.
„Ганди“

Беше тешко да се направи филм што ќе ја раскаже приказната за Ганди на вистински начин, или барем дел од неа. Сепак, овој филм успеа во тоа, истакнувајќи некои од најважните моменти, а за квалитетот на филмот придонесе и глумата на Бен Кингсли. Филмот освои осум „оскари“ од вкупно единаесет номинации.

„Офицер и џентлмен“

Ова е еден од филмовите што го лансираа Ричард Гир на врвот на најбараните и најпопуларни холивудски актери. Тој глуми млад човек што сака да стане авијатичар, а за време на обуката се заљубува во девојка од градот каде што е на обука.

„Изборот на Софи“

Филм што ги воодушеви публиката и критичарите и заработи многу на киноблагајните, а во него ја гледавме Мерил Стрип во улога на жена што го преживеала холокаустот и која се зближува со писателот додека се сеќава на сите ужаси низ кои поминала.

„Суштество“

Иако по првата проекција не доби многу симпатии, овој филм на Џон Карпентер со текот на времето стана култен, а денес се смета за еден од најдобрите на сите времиња. Ефектите беа одлични во тоа време, како и атмосферата.