Во периодот од 27 јануари до трети февруари, за превоз со жичницата од Средно Водно до врвот, имало интерес од 3.323 граѓани, односно само за време на викендот (29 и 30 јануари), 2.260 граѓани го посетиле Водно и ја искористиле жичницата.
Жичницата до врвот на Водно и трите автобуски линии што сообраќаат до Средно Водно повторно се во функција од 30.12.2021 година. Во периодот ноември – март, жичницата работи секој ден, освен понеделник и секој последен вторник во месецот од десет до 17 часот, поради редовно сервисирање.
За користење на жичницата важат протоколите за заштита од ковид-19, во една кабина се дозволува превоз на максимум четири лица, кои имаат обврска да носат маска. На патниците пред влезот во кабината им се мери температура и се врши дезинфекција.
Кабините се дезинфицираат трипати во текот на денот. За граѓаните на користење се отстапуваат и два транспортера за превоз на домашно милениче (куче со мал/среден раст), а дозволен е и превоз на куче придружник на лицата со хендикеп.
До Средно Водно сообраќаат три автобуски линии – бројот 25 (Транспортен центар – Средно Водно) сообраќа секој ден освен понеделник, како и автобусите со броевите 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и 25Б (Дом на печат – Средно Водно), кои сообраќаат само за викенди и државни празници. Сите три линии за време на викендите и државните празници се бесплатни за граѓаните.
Возниот ред за овие три автобуски линии граѓаните можат да го погледнат на интернет-страницата на ЈСП „Скопје“.