Сите деца имаат соништа што сакаат да бидат кога ќе пораснат. А за да се остварат соништата, потребна е голема верба во нив. Јас сум една од многуте деца што имаа големи соништа, јас сум малата Славица, која сакаше да стане сликарка. За моја, а и за среќа на многу талентирани деца, „Колибри“ и уредничката Марија Таушанска беа големите верувачи и визионери, кои во детските соништа ја гледаа поубавата иднина. Единственото списание во Македонија каде што се пронаоѓаат младите таленти од целата држава и се презентираат пред јавноста.

Марија Таушанска беше првиот новинар од национален весник што поверува во моите соништа и го препозна мојот талент, уште кога бев ученичка во основно училиште. Денес сум дипломирана сликарка што наскоро ќе магистрира сликарство, значи со „Колибри“ другарувам половина од мојот живот. Затоа велам дека е лесно да се пишува за познати уметници, а тешко е да се препознаат млади таленти што допрва треба да си го пробијат патот. Затоа постојат добри новинари, а постојат и врвни новинари, кои се 10 години пред сите други, каква што е уредничката на „Колибри“, кое чинам остана единствено печатено списание за деца кај нас.

На мое огромно задоволство ми се овозможи и јас да можам да им се обратам на денешните деца сонувачи, преку стрипот за „Марсо Марсоски“, кој излегува во детското списание со најголема традиција, „Колибри“. Среќна сум што мојата слика со колибри беше на насловната страница на првиот број на списанието „Колибри +“, нешто што ќе остане засекогаш во паметење. Сликата сега ги краси ѕидовите во просториите на редакцијата на „Нова Македонија“. Се сеќавам дека кога ја сликав таа слика добив коментар дека во Македонија не постои колибри. А мојот одговор на тоа беше дека постои „Колибри“, кое иако пишува за малечките луѓе, има големо значење, традиција на постоење и непроценлива вредност!

Затоа, драги мои колибровци, ви го честитам роденденот, со желба и понатаму да бидете први што ќе пишуваат за талентираните и со тоа да им дадете крилја да полетаат како колибри!

Славица Танеска, ликовна уметница