Украина победи на Евровизија

По прогласувањето на победата, членот на украинскиот фолк-рап бенд „Калуш оркестар“, Олех Псиук, заблагодарувајќи се за поддршката, уште еднаш повтори дека песната им е посветена на сите мајки, а претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на социјалните мрежи напиша дека „Евровизија 2023“ ќе се одржи во Мариупол, кој повторно ќе се изгради

Како и што се очекуваше и прогнозираше, победник на „Евровизија 2022“ е Украина. „Калуш оркестар“, со песната „Стефаниа“, по сумирањето на резултатите од жирито и од телефонските јавувања, вкупно 631, се најде на врвот на табелата. Британецот Сем Рајдер, со песната „Space man“, беше прв од жиријата на сите земји-учеснички, но Европа гласаше во знак на поддршка на Украина поради актуелната состојба во оваа земја.

Всушност во текот на овој престижен фестивал сѐ некако беше во знак на Украина, преостанатите учесници носеа знамиња и други симболи на оваа земја, а голема беше ангажираноста и на социјалните мрежи на овој начин да се осуди воената агресија.

И самото финале во саботата почна со изведба во живо на песната на Џон Ленон, „Give pеаcе а chance“, на плоштадот во Торино, од страна на стотици италијански музичари, што беше прифатено и од 13.500 луѓе во салата „Пала олимпико“.
Членот на фолк-рап бендот, Олех Псиук, заблагодарувајќи се за поддршката, уште еднаш повтори дека песната им е посветена на сите украински мајки, а претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на социјалните мрежи напиша дека „Евровизија 2023“ ќе се одржи во разурнатиот Мариупол, кој повторно ќе се изгради.
Веднаш следуваа голем број реакции на социјалните мрежи дека е добро што Европа ја поддржува Украина во овие мигови, но „Евровизија“ е создадена како музички натпревар и тука треба да важат други критериуми, бидејќи има толку други начини да се искаже поддршката, а една од реакциите беше и дека овој избор е многу политички и толку болен за сите европски земји, кои исто така беа во војна пред 30 години, но тоа не беше препознаено.

„Благодарение на телевоутингот политиката ѝ го одзеде местото на музиката, но така е изминатите 66 години, иако жирито беше фер за првпат“, гласеше еден од коментарите.

Вечни противници

Всушност, ова не е првпат на „Евровизија“ политиката да има приоритет над музиката.
Во историјата на натпреварот имало повеќе песни со затскриени политички пораки, иако во последните декади Европската радиодифузна унија (ЕБУ) е многу построга и веднаш прибегнува кон санкции. Токму Украина често испраќа песни со политички конотации на „Евровизија“.

– Кога Украина беше домаќин во 2005 година, нејзин претставник беше преработената химна на Портокаловата револуција. Две години подоцна, Верка Сердучка го освои второто место со песна чиишто стихови (без никакво значење) велат „лаша тумбаи“, ама јасно алудираат на „Раша гудбај“ (Збогум Русија). Украина не учествуваше во 2015 г. поради руската инвазија на Крим, а следната година победи со песна посветена на депортацијата, односно етничкото чистење на татарите од Крим од страна на советските власти. Тогаш песната не беше дисквалификувана и покрај реакциите на Русија. Следната година на руската претставничка на натпреварот во Киев ѝ беше забранет влез во Украина поради нејзиниот настап на Крим, по што Русија го повлече учеството. Последна е забраната за Русија да биде дел од „Евровизија“ годинава, поради актуелната војна во Украина – вели новинарот Игор Војновски, добар познавач на евровизиските околности.
По дисквалификацијата на Русија, првично одбраната претставничка на Украина, Алина Паш, не доби зелено светло за учество на фестивалот, поради тоа што во 2015 година го посетила Крим, област над која Русија ја презеде контролата во 2014 година
Британецот Расел Дејвис, уредник на интернет-порталот „Есказ“, ни рече дека доколку на Русија ѝ се дозволело да учествува на годинешната „Евровизија“, тоа ќе имало сериозни последици.

– Во претходните натпревари, рускиот учесник беше исвиркан на сцената за време на настапот поради руската политика за првата на хомосексуалците. Приказната, веројатно, ќе се повтореше, но многу посилно. Ќе имаше експлозија од негативни реакции. А што се однесува до гласањето на публиката, на луѓето може да влијае не само она што го гледаат на сцената. Во случајот тоа е еден вид сочувство за настан што се случува во одредена земја. Мислам дека „Евровизија“ не е политички фестивал, но има многу фактори што одредуваат како ќе гласа еден поединец – вели Расел Дејвис.

Провокативен бакнеж

На годинашната „Евровизија“ огромно внимание предизвика Србинката Ана Ѓуриќ алиас Констракта со песната „In corpore sano“, која заврши на високото петто место. Таа беше наградена со огромен аплауз и во полуфиналето и на финалната вечер, имаше милионски прегледи на песната на Јутјуб и на официјалниот евровизиски сајт, а нејзиното карактеристично вртење со рацете го прифатија буквално сите.
Интересни беа и настапите на претставничките на Шпанија и на Шведска, кои се пласираа на третото и на четвртото место и го најавија враќањето на вистинската песна на овој престижен фестивал.

Годинашниот „Евросонг“ ќе биде запаметен по маскираните претставници на Норвешка, чии лица не ги видовме, но и по екстравагантниот Ахил од Сан Марино, кој на сцена го бакна в уста својот гитарист. Всушност, имаше доста еротика и голотија годинава и необичен стил, на граница на невкус, за разлика од добри песни. Една од најсветлите точки на изборот беа шармантните и распеани водители Лаура Паузини, Мика и Алесандро.

Андреа 11-та во второто полуфинале

Нашата претставничка Андреа Коевска, за жал, не се пласира во финалето. Таа и покрај сите непријатни случки имаше одличен настап и песната „Circles“ на Александар Масевски ја донесе многу емотивно и моќно на евровизиската сцена, за што доби комплимент и од водителката на изборот, Лаура Паузини, инаку позната италијанска пејачка.
Всушност, според многубројните реакции, Андреа испеа многу подобро од половина финалисти, а и изгледаше светски.

На официјалниот евровизиски сајт вчера е објавена и листа на која се гледа дека Андреа завршила 11-та, што досега повеќепати им се случило на нашите претставници, за влакно да им избега финалето.
Освен тоа, бевме во потешката полуфинална вечер, со една песна повеќе – 18, а најверојатно да настапевме во првото полуфинале, кога беа отпеани 17 песни ќе си обезбедевме пласман.

Да се надеваме дека во иднина скандалите и малерите ќе бидат минато за нашите учесници и ќе ги избираме на вистинскиот начин, а тие, неоптоварени со други проблеми, ќе имаат единствена задача што подобро да ја претстават Македонија на „Евровизија“, каде што музиката ќе има главен збор, а не политиката.