Последните неколку години клубот ниже успеси со екипата на девојки, со која на неколку првенства го освојува првото екипно место во Македонија, а наградуван е и во странство

Во здраво тело здрав дух

Боречкиот клуб 7 Мај од Прилеп постои веќе 18 години. Има околу 60 члена, од кои над 30 се до 14 години. Интересно е што поголемиот дел од младите се девојчиња што ги совладуваат тајните на борењето. Последните неколку години клубот ниже успеси со екипата на девојки, со која на неколку првенства го освојува првото екипно место во Македонија.

– И лани екипно бевме најдобри. Имавме најмногу медали поединечно, кои се бодуваа и при збирот бевме најдобри, станавме шампиони во женска конкуренција. Досега како клуб имаме освоено голем број медали. На балканско ниво имаме еден медал, на медитеранско два. На последното медитеранско првенство имавме одличен резултат. Борењето е благороден спорт, иако бара голема физичка, но и мисловна подготвеност. Но, пред сѐ, борењето е безбеден спорт – велат од боречкиот клуб 7 Мај во Прилеп.
Сепак, младите спортисти ги мачи еден проблем.
– Иако сме шампиони во женска конкуренција, немаме поддршка ниту од државата ниту од општината. Ваучерот што требаше да го добиеме од државата едноставно го нема. Малку сме разочарани, но да се живи и здрави пријателите што нѐ поддржуваат, па, така, се трудиме да даваме сѐ од себе и младите да постигнуваат резултати – ни рекоа овие амбициозни млади спортистки.

Една од повеќето девојки што вежбаат е Ангела Трајкоска (14). Таа една и пол година тренира борење и досега има освоено седум први места, трето на Балканско и едно трето во Косово.
Со борењето како спорт започнав по предлог на другарка ми. Ми се допадна и, така, продолжив секојдневно да тренирам и да редам успеси. Мојата цел е да освојам медал на олимпијада – вели Ангела.
И Тамара Цветкоска (13) вежба борење една и пол година. Последната награда ја освоила во Косово.

Лани победив на изборното првенство. Да се тренира борење е убаво. Ме привлече. Секој ден тренирам по неколку часа, а пред натпреварите повеќе – вели таа.
Матеј Димитриески, иако има 11 години, веќе три години другарува со борењето. Досега освоил трето место на македонско првенство. Објаснува дека борењето е интересен спорт. Освен тоа, како што додава Матеј, меѓу себе се дружат и го развиваат спортскиот дух.
Овие млади борачи, кои се дел од екипата од клубот 7 Мај, се иднината на борењето во Прилеп, но и многу пошироко, во Македонија. Ним само им се неопходни поддршка и поубав простор за вежбање, за да покажат што сѐ умеат и знаат.