Деновиве почна снимањето на филмот „Живи и здрави“ по сценарио и во режија на Иван Мариновиќ, а во копродукција со македонскиот „Круг филм“. Филмот се снима во продукција на црногорскиот „Адриатик вестерн“ на Иван Мариновиќ, а во копродукција со Марија Стојановиќ од српската „Сенс продукција“, Дејан Крајчевски од „Круг филм“, Вероника Кухрова и Михал Крачмер од чешки „Аналог визија“, Анкица Јуриќ-Тилиќ од хрватската „Кинорама“ и Јожко Рутар од словенечкиот „Спок филм“. Дел од актерската екипа е реномираниот македонски актер Никола Ристановски, а играат и Тијана Лазовиќ, Горан Славиќ, Момчило Пиќуриќ, Горан Богдан, Сњежана Шишков Синовчиќ, Дејан Ѓоновиќ, Мирјана Јоковиќ и Драгана Дабовиќ. Оригиналната музика за овој филм ќе ја работи нашиот истакнат музичар и композитор Тони Китановски.

Филмот ја раскажува приказната за Драгана (хрватската ѕвезда Тиjана Лазовиќ), идна невеста, која вели дека не сака да се мажи, само два дена пред свадбата – иако сѐ е подготвено и сите знаат за тоа. Лесо (ветеранот Момчило Пиќуриќ), безмилосниот патријарх на семејството на младоженецот (Горан Славиќ), има предлог за бунтовната невеста: помини ја крвавата свадба, одглуми ја, а потоа
оди каде и да сакаш следниот ден. Таа се согласува. Сепак, навредениот младоженец сѐ уште се надева дека таа ќе остане. Традиционалната свадба вклучува серија апсурдни настани, потопени во алкохол, пукотници и динамит, што ќе ги изнесе на виделина најлошите карактеристики на ликовите.

Снимањето ќе трае 33 дена, односно ќе заврши на 23 јуни, а ќе се одвива на локации во Црна Гора, во градовите Херцег Нови и Игало, како и на полуостровот Луштица. Ова е втор филм на Мариновиќ. Неговиот дебитантски филм „Црната игла“ беше реализиран во 2016 година.