Промоција на книгата „Планински врвови во Македонија“ ќе се одржи в сабота на врвот Лисец, во рамките на планинарската тура „Лисец на планината Голешница“. Лисец е всушност и првиот врв од планинарскиот предизвик „12 врва“. Почетна и завршна точка на турата е викенд-населбата Мала Река на планината Китка. Должината на патеката е 18 километри. Книгата „Планински врвови во Македонија“ претставува збирка од 60 (поточно 61) планински врва во Македонија, искачени во рамките на петте сезони на планинарскиот предизвик „12 Врва“ (2016 – 2021).
– За секој врв ќе може да прочитате општи податоци, извештај од спроведените акции и важни податоци за патеки, со должина и тежина, пристап и услови во местото и околината, поткрепени со фотографии и географски карти со планинарските патеки од турите. Дополнително во оваа книга како додаток ќе прочитате детален опис на движењето на патеката и делниците (по денови) на Западната македонска трансверзала (ЗМТ) – првата македонска планинарска трансверзала, врвот Кабаш на Кораб и патеката Вргањ на Попова Шапка. Оваа книга збирка, прва од ваков вид во Македонија, не е само вообичаено напечатување податоци и фактографски запис на хартија туку е четиво во кое се проткаени илјадници чекори, стотици часови и километри и стотина организирани планинарски тури за искачување по врвовите на планините во Македонија, овоплотена од илјадниците впечатоци и доживувања на сите планинари и посетители што учествувале во петте сезони на планинарскиот предизвик „12 врва“ – пишуваат од планинарското друштво „Трансверзалец“.