Васил Мукаетов, познатиот македонски писател за деца, во понеделникот го одбележи својот јубилеен 80-ти роденден. Неуморен и плоден како и досега, тој веќе размислува за издавањето на својата 21. книга за најмладите читатели. И како што вели наслов на една негова песничка за деца „Чукни, чукни трипати“ и ние ќе чукнеме трипати во дрво и на Васил Мукаетов ќе му посакаме добро здравје и да не го напуштаат ентузијазмот и желбата за пишување и во иднина, пред сѐ за децата, и бројката на негови издадени дела да биде уште поголема. Во продолжение да се потсетиме на дел од неговото поетско творештво за најмладите, кое секогаш допира до детските срца.

ЖИВОТЕН ЈУБИЛЕЈ

Три детски педи

Се мери со метар,
до сантиметар,
до милиметар.

Со што уште се мери?
Познати правила светски
и со педи детски!

Сите пет прсти издолжени
мерки продолжени.
Па се гледа
– продолжена детска педа.

Се мери со педи
и кога накриво се седи.
Скокале, со залет
од место.
Расправии – најчесто.
Не се признава – инает
се тера,
педата – најблиска мера.

Играле топка,
некој ставил сопка.
Лесно не минал,
тексасот го скинал.

Колку? Се гледа.
На самото место
– раззината педа.
Да се биде дете
Којзнае колку писатели,
психолози, педагози,
рекле и напишале:
Децата се украс на светот!
Детето ти е нешто
како птица во лет.

И работата јасна,
прават сѐ,
побрзо да растат.

Дали затоа
пишуваат, убедуваат
и често повторуваат
повик сетен:
– Немало возрасен човек
што не посакал да биде дете!

Па, ти сега види,
на која страна ќе бидеш?

Сонце

Каква вселенска моќ
одлучува
кога е ден, кога е ноќ.
Кога ќе се скрие,
светот знае – се спие.

Потсетено,
само во неколку црти:
– Околу него земјата се врти.
А јас?
И кога играм и кога пладнувам,
мојата сенка ја командувам.

Каде јас – таа со мене.
Дење, во кое било време.

Само некое облаче
што здодевно дреме,
може да ми ја земе.
Работата е тенка.
Без сонце нема ни сенка

Ако си во камп

Ако летуваш под шатор
бргу се препознава, што се вели.
Кој си, каде си и што си.
Со себе адресата
си ја носиш.

Сум видел и сум шетал
никаде поголемо другарство
– од камповите за деца!

Охрид, Дојран, Отешево, Крани,
пливање, игри и падни-стани.
Патоказ јасен:
од километар се гледа
кој е овде најгласен.
А ти веќе возрасен
се средуваш автоматски:
креветот под конец,
и одморот се дели братски.

Мобилниот – во џебот десно
стануваш во шест и вежбаш,
овде сѐ ти оди лесно.

Приказнава скрати ја.
Може да налеташ
и на симпатија.