Емилија Стојменова-Дух, докторка на науки и вонреден професор на Електротехничкиот факултет во Љубљана, беше избрана за министерка за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб. Во интервјуто за „Нова Македонија“, Стојменова-Дух говори за нејзиното искуство во словенечкиот образовен процес, односот на словенечката држава кон квалитетните ученици и студенти, како и за можноста за примена на некои од словенечките искуства од страна на македонските институции

Ексклузивно интервју со Емилија Стојменова-Дух, новата словенечка министерка за дигитализација

Какво е вашето искуство во текот на воспитно-образовниот процес во Словенија?
Во Словенија се преселив во 2002 година кога добив стипендија за програмата Меѓународна матура на „Друга гимназија“ – Марибор. Кога одевме до гимназијата, татко ми го праша директорот зошто Словенија инвестира во туѓи деца. Директорот мирно му одговори: „Некои држави инвестираат во оружје, паметните држави инвестираат во таленти“. Такво е моето искуство во текот на целото образование во Словенија. Кога почнав да студирам, добив кадровска стипендија од „Искрател“. Моите постдипломски студии во целост беа финансирани од Бирото за развој на кадри. Во Словенија, секој, без оглед на тоа од каде доаѓа и каква финансиска состојба има, има можност да добие квалитетно образование и можност за одлично работно место. Јавниот образовен систем е квалитетен, бесплатен и достапен за сите.

Дали словенечкиот образовен систем го препознава квалитетот кај учениците и студентите?
Се трудам да не зборувам генерално, ама во овој случај би потврдила. Уште во градинка децата се вклучени во квалитетни едукативни програми. Посебно место се посветува на физичката активност. Син ми научи да скија кога имаше пет години. Почна да плива во прво одделение. Секое дете има можност да проба различни спортови организирани во градинка и во училиште. Покрај стандардните содржини имаат многу додатни од сите сфери – спорт, култура, наука. На „Друга гимназија“, на пример, имавме свој оркестар, „Инглиш студент тиатар“, посебна програма за спортисти, табори за надарени… Постојано се изведуваат натпревари. Учителите ги поттикнуваат учениците да се пријават и дополнително да работат со нив. На училиштата се вработени советници, кои им помагаат на учениците при изборот на кариерата. Се сеќавам кога сама се одлучував за студии, само тропнав на вратата на директорот и ми помогна во конечната одлука. Исто е и на факултет. Сите универзитети имаат кариерни центри, кои организираат посебни тренинзи и ги поврзуваат студентите со нивните идни вработувачи.

Дали и колку словенечката држава инвестира во квалитетните ученици и студенти?
Ако ги прашате Словенците, премалку. Со оглед на тоа што ја познавам ситуацијата и надвор од Словенија би рекла дека не е толку лошо. Постојат различни стипендии, државни, за надарени, кадровски за кои фирмите добиваат посебни субвенции од државата итн. Одличните ученици имаат можност да добијат стипендија што зависи од нивниот успех. Се сеќавам, кога бев студентка, добивав стипендија што беше повисока од сумата на платите на моите родители. Така можев во целост да се посветам на студиите и да не се грижам како ќе можам да ги платам сите сметки и дали ќе имам доволно за храна. Словенија е една од ретките држави што има таканаречени студентски бонови. Со нив студентите добиваат квалитетна храна за добра цена.

Неколку истражувања покажуваат дека Македонија како општество губи квалитетни и талентирани луѓе. Како да се спречи тоа?
За почеток, Македонија мора да го препознае и си го признае тој проблем. Во глобала, на местото на живеење влијаат условите за работа и квалитетот на живеењето. Со сопругот веќе неколкупати имавме можност да се преселиме во Калифорнија. Никогаш не се одлучивме за тоа. Чистиот воздух, убавата природа, уредената околина, добрата храна, квалитетните јавни сервиси (образование, здравство, социјалната грижа,..), добрите работни услови и пријатните луѓе секојпат повторно беа причина да останеме во Словенија. Македонија има многу сличности со Словенија, особено кога зборуваме за храната, природата и добрите луѓе. За жал, имам впечаток дека негативната кадровска селекција со години влијае на тоа условите да бидат различни од овде, особено кога станува збор за јавните сервиси. Се надевам дека новите генерации политичари разбираат дека не станува збор за нив или за партиите од кои доаѓаат, туку за целата држава и нација. Се надевам дека најдобрите кадри нема да бидат индиферентни, ќе се ангажираат и ќе направат сѐ за подобра иднина на целото општество.

Дали Македонија може да примени некои од искуствата на Словенија, во однос на образованието и квалитетните ученици?
Верувам дека сите можеме и мораме да учиме и да разменуваме искуства. Нема никаква потреба да ги правиме грешките што некој друг ги направил пред нас или, како што кажуваат во Словенија, да измислуваме топла вода. Сама работам на европски проекти и во минатото се погрижив многу практики од различни држави во Европа, Франција, Италија, Ирска, Шведска, Финска итн., да бидат имплементирани во Словенија. Верувам дека за Македонија размената на искуства би била, секако, корисна. Притоа би предупредила дека при преносот на практики често се потребни адаптации на средината во која ќе бидат имплементирани.