НОВИ КНИГИ: „Лажготека“ од Славка Арсова

Денеска ви ја претставуваме најновата книга за деца на писателката Славка Арсова, со неколку песни. Наедно, ја користиме пригодата да ѝ го честитаме 88-от роденден и да ѝ посакаме добро здравје и желба да продолжи да пишува за најмладите читатели, како и досега. Славка е докажан пријател на децата. Освен што пишува за нив, таа е и творец на детскиот републички фестивал „Ракатки“, каде што првпат се претставија многу таленти од цела Македонија, со поддршка на своите ментори. Нејзиниот млад дух и желба за творештво, и на оваа возраст, се уште еден доказ дека дружбата со децата и младите го продолжува и го разубавува животот

Чуден оркестар

Вчера на Плоштадот
видов едно „чудо“:
шарен оркестар
свиреше лудо.

Слушав како
ечи кларинет,
свири, ли свири Зајко
со својот квартет.

На труба дува
кучето Шарко,
саксофон свири
мачорот Марко.
Баба Меца
на тапан бие,
а итра Лиска
оро вие.

Ваков оркестар
на планетата Земја
не ќе се роди!
Кој сака да го слушне
веднаш на Плоштад
нека оди!


Ветерот и јас

Ова, што ќе ви го кажам,
немојте да мислите
дека јас ве лажам.

„На врата некој чука,
ветерот северец –
ете ти го тука.
Ме замоли љубезно
друштво да му правам
и часови по пеење
сака да му давам“.
Се зачудив, па му велам:
„Саноќ, свириш, пееш,
што ќе ти се часови,
немој да ме смееш!“

И тој се налути – дувна
високо ме крена,
пишти, вришти,
дури од постела ме снема!


Прошетка со змеј

Со еден шарен змеј
врзан со од Сонцето зраците,
јас и Дарија – вчера
летавме над облаците.

Отидовме на гости на Месечината,
свративме и до ѕвездата Деница,
на Јупитер игравме со дечињата,
а на Сатурн ни дадоа топеница.

Прошетавме низ паркови од кристали
покрај реки, полни од мед и млеко,
по улиците расфрлани чоколади,
небаре ги заборавил некој!

Верувате ли деца.
Сѐ што е убаво – таму е збрано,
просто човек да се чуди!
Но, кога сакав
нешто да си купам –
будилникот почна да ме буди!


За авторката

Славка Арсова е поетеса и писателка за деца и млади. Родена е во Скопје на 3 јули пред 88 години, каде што завршила Филозофски факултет, а денес е професорка во пензија. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија.
Била членка на Претседателството на ДПМ во два наврата, претседателка на Здружението на просветните работници на РМ и претседателка и основачка на детскиот републички литературен фестивал „Ракатки“.
Добитничка е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, награда на манифестацијата „Месец на липите“, награда за животно дело на Здружението на просветните работници – литературни творци и други признанија.
Авторка е на повеќе книги за возрасни, а за најмладите читатели ги издала: „Именијада“, „Да полетаме со птицата“, „Детски лажгосмешки“, „Имиња без презимиња“, „Детски ѓаволштини, „Дом на месечината“, „Зелениот брод“, „Мобилките пред пештерата“, „Волшебниот свет на децата“, романот „Солзите на Роска“, „Бисерчиња од детски главчиња“ 1 и 2 и најновото нејзино дело збирката „Лажготека“.