Прва самостојна изложба „Несоница за двајца“ на Славко Круниќ, ликовен уметник од Белград, Србија, е закажана за денеска, во 19.30 часот, во Галерија МКЦ.
– Дека неговата природа е номадска, на Славко Круниќ му било јасно уште додека бил дете. За жал, поради различни надворешни околности не успевал да воспостави рамнотежа помеѓу скитничките апетити и можноста за патување. Меѓутоа, проблемот го решил брзо. Ја зел четката, го затегнал платното и почнал да ги слика пределите и луѓето што ги сретнувал на своите патувања. Се разбира, не сите патувања биле баш целосно реални. Се вмешале тука и соништата. Со некои сопатници едноставно не можел да престане да се дружи и да се сретнува во најнеобични пригоди. Се испоставило дека сликарските скитања на Круниќ не подразбирале само географски поместувања туку и движење низ времето: во рикверц и напред. И во моментот кога сфатил дека природата на бајката суштински е номадска, баш како што е и неговата лична (затоа што лесно ги премостува и просторот и времето, а особено општествените класи), забележал уште нешто што особено му го привлекло вниманието. За време на неговите изложби, некои луѓе се задржувале пред сликите мрморејќи си себеси во брадата. Кога ги прашал дали можеби си зборуваат со замислени пријатели, сите одговориле одречно. Напротив! Тврделе дека ја слушаат приказната што им ја раскажуваат сликите. Славко Круниќ ги замолил и нему да му ја откријат содржината на тие приказни и да се запознаат – пишува во најавата на изложбата.
Во рамките на изложбата ќе има и концерт на „Дип стеди“, состав од Нови Сад, кој со својата музика ја спојува традицијата на јамајската музика со американски џез-форми. Во основа, нивните композиции се ска, реге и калипсо-ритми, проткаени со џез-хармонии и импровизации. „Дип стеди“ првпат е во Скопје и ќе има бесплатен концерт веднаш по отворањето на изложбата. Изложбата трае до 28 мај.