Неделата на италијанската кинематографија на темата „Херои и антихерои во италијанскиот филм“ се отвора денеска и ќе трае до 23 мај, во Кинотеката на Македонија. Настанот е во организација на Амбасадата на Италија, а ќе биде отворен вечерва, во 20 часот, со проекција на филмот „Го нарекуваа Џиг Робот“, оригинален трилер-фантазија во режија на Габриеле Маинети (2015 г.). Главната улога ја игра Клаудио Сантамарија, кој со овој филм ја доби престижната награда „Давид ди Донатело“ за најдобар главен актер, толкувајќи ја улогата на ситен криминалец од предградието што се претвора во позитивен и непобедлив херој. Сите филмови се преведени и титлувани на македонски јазик.

Неделата на италијанскиот филм ќе продолжи со прикажување серија неодамнешни филмови, со меѓународно познати актери како Стефано Акорси и Матилда де Анџелис, кои ги играат главните улоги во филмот „Брз како ветрот“ (2016), инспириран од вистинската приказна на рели-возачот Карло Капоне.

На програмата се и комичниот филм „Италијанци“ (2009) со Карло Вердоне, Рикардо Скамарчо и Серџо Кастелито, „Сета моја луда љубов“ (2019) – возбудливо патување низ Балканот – со Диего Абатантуоно, Валерија Голино и Клаудио Сантамарија.
Елио Џермано, Изабела Рагонезе, Раул Бова, Лука Ѕингарети и Стефанија Монторси се протагонисти на драматичната и деликатна „Нашиот живот“ (2010). Ќе бидат прикажани и два филма што влегоа во историјата на италијанската кинематографија: „Мама Рома“, во режија на Пјер Паоло Пазолини во 1962 година, со извонредната и незаборавна Ана Мањани, и конечно „Тежок живот“ (1961) со величествениот Алберто Сорди, кој заедно со Леа Масари толкува емблематичен лик на идеалист што ги претставува промените што ги претрпеа Италија и Италијанците од повоениот период до годините на економскиот бум.