Фото: Архива

Позајмувањето од ММФ ќе овозможи одредена контрола на трошењето на парите и на буџетската политика на Владата, што може да биде многу корисно, тврдат аналитичарите

Власта ја менува стратегијата за задолжување
На што ќе се трошат парите од ММФ

Поскапените опции за задолжување преку еврообврзница ја менуваат стратегијата на македонската влада, која објави дека преку Меѓународниот монетарен фонд ќе го финансира буџетот. Зголеменото задолжување е резултат на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, кој сѐ повеќе ја зголемува неизвесноста во економијата. Но прашањето е како ќе се потрошат овие пари, дали за исплаќање стари долгови или, пак, за помош на граѓаните и на стопанството.

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, смета дека одлуката на Владата да се задолжува од ММФ наместо да издаде еврообврзница е добра, земајќи ги предвид каматните стапки.
– Исто така добро е што Владата се задолжува надвор, а не дома, за да останат доволно средства во банките за финансирање на компаниите. Од друга страна, позајмувањето од ММФ ќе овозможи одредена контрола на трошењето на парите и на буџетската политика на Владата, што може да биде многу корисно, затоа што политичарите најчесто немаат храброст да преземат реформи што се болни, а во овој случај ММФ ќе се искористи како оправдување зошто таквите мерки се неопходни – укажува Димитров.

Според него, зголеменото задолжување е резултат на новата економска криза, која се надоврза на последиците од ковид-кризата, а е резултат на војната во Украина.
– Владата имаше проекции за планиран дефицит и средства за враќање на старите долгови т.е. ратите и каматите по старите кредити, но очигледно е дека зголемените цени на енергентите, на некои суровини и на храната предизвикаа нови потреби од субвенционирање како на граѓаните така и на стопанството – појаснува Димитров.
Тој вели дека е очигледно дека просторот за зголемување на долгот се стеснува и затоа Владата ќе мора да им помага само на најризичните групи граѓани и на оние со најниски примања, а во стопанството само на оние компании каде што зголемените цени на енергентите имаат големо негативно влијание врз работењето на компаниите.
– Затоа, сметам дека Владата мора да најде нови критериуми за субвенционирање, за разлика од периодот на корона-кризата кога главен критериум беше падот на приходите – додаде Димитров.

Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети истакна дека позајмувањето од Меѓународниот монетарен фонд е алтернатива што е поевтина во споредба со позајмувањето на приватните пазари и на тој начин би се намалил трошокот по основа на камати.
– Барањата од меѓународните и мултилатералните извори за финансирање, преку ЕУ (за макроекономска рамка и стабилизација), преку ММФ, ЕБРД, Светската банка, се најмалку трипати поевтини извори од тие на меѓународниот пазар на капитал (кои сигурно би биле со вкупна камата и провизија до 4 отсто), а претходно наведените извори би биле со околу 1 отсто – објаснува Беџети.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини истакна дека парите што се бараат од Меѓународниот монетарен фонд се со конкретна намена.

– Овие пари се за платниот промет, затоа што сме во тешка ситуација. За „гаснење пожар“, за обезбедување ликвидност, и тие одат на државната сметка за платниот биланс преку Народната банка. Овие средства се користат за плаќање достасани обврски, за враќање кредити, да не дојде до колапс и неликвидност, не за развој. Тоа не се средства што решаваат долгорочни проблеми, туку треба да обезбедат ликвидност, ако стигнат одредени обврски, а имате проблем со пари – објаснува Хајредини.