Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија е во вториот барабан, во кој се и селекциите на Хрватска, Катар, Белгија, Португалија, Црна Гора, Бразил и на Полска. Во втората групна фаза ќе се пласираат по три селекции од секоја од осумте групи

РАКОМЕТ – ПРЕД УТРЕШНАТА ЖДРЕПКА ЗА СП 2023

Машката ракометна репрезентација на Македонија пред осмото учество на светските првенства (СП), во Полска и во Шведска, во 2023 година, противниците ќе ги дознае утре, со ждрепката за која е во вториот барабан, во кој се и селекциите на Хрватска, Катар, Белгија, Португалија, Црна Гора, Бразил и на Полска. Во најсилниот барабан се Данска, Шведска, Шпанија, Франција, Норвешка, Исланд, Германија и шампионот на Африка.
Добра околност е што Македонија ќе избегне еден од домаќините, а тоа е Полска, која е во вториот барабан, но Европската ракометна федерација (ЕХФ) им додели покани на Холандија, која е во подем, и на квалитетната Словенија, кои ќе бидат во четвртиот барабан.
Во втората групна фаза ќе се пласираат по три селекции од секоја од осумте групи. Уште не се познати трите селекции од Северна Америка, како и петте репрезентации од Африка.
Македонија од сите познати можни противници (26) не играла воопшто на светските или на европските првенства само со Аргентина, Уругвај и со Холандија, што значи дека другите се добро познати. Од првиот барабан, Македонија на СП играла најмногу пати со Исланд (два пораза и едно реми) и со Германија (три пораза), потоа со Данска, Шпанија, Норвешка (по два пораза), Шведска (еден пораз) и со Франција (еден пораз, на ЕП).
Во третиот барабан на СП, најчест ривал на црвено-жолтите бил Чиле, кој загубил трипати, следуваат Србија, Бахреин, Саудиска Арабија (загубиле по еднаш), а Унгарија двапати славела, но на ЕП. Од четвртиот барабан на СП доминираат дуелите со Словенија (три пораза), Иран, Јужна Кореја (по една победа ), а на СП и на ЕП Македонија не одиграла меч со Холандија. Г.И.


СОСТАВ НА БАРАБАНИ

1: Данска, Шведска, Шпанија, Франција, Норвешка, Исланд, Германија, прв претставник од Африка
2: Катар, Хрватска, Белгија, Бразил, Португалија, Полска, Црна Гора, Македонија
3: Србија, Унгарија, Аргентина, Бахреин, Саудиска Арабија, Чиле, втор и трет претставник од Африка
4: Уругвај, Иран, Јужна Кореја, четврти и петти претставник од Африка, претставник од С. Америка, Холандија и Словенија