Одамна не сме ја виделе Мег Рајан, актерка што нè натера да се заљубиме во нејзините улоги во одличните романтични комедии од 1990-тите години, како „Кога Хари ја запозна Сали“, „Имаш пошта“ или „Непроспиени во Сиетл“. Последната премиера ја имаше во 2015 година, за остварувањето „Итака“, воена драма што го обележи нејзиното режисерско деби.

На 60-годишна возраст, Мег Рајан најави дека ќе им се врати на своите корени, романтичната комедија, и дека ќе глуми и ќе го режира филмот „Што се случува подоцна“, за кој во моментов не се знае многу. Но познато е дека нејзин партнер ќе биде Дејвид Духовни, познатиот агент Молдер од серијата „Досиеја икс“, а премиерата се очекува во 2023 година.

„Што се случува подоцна“ е заснован на драмата „Ѕвезда што паѓа“ од Стивен Диц, кој го напиша сценариото, заедно со неговиот колега драматург и романсиер Кирк Лин и со актерката. Авторите го опишаа текстот како еволуирана и носталгична визија за романтичната комедија.

Првиот синопсис го објави „Холивуд репортер“, кој објаснува дека „Што се случува подоцна“ нè запознава со Вила (Рајан) и Бил (Духовни), поранешна двојка што по една деценија разделба повторно се среќава на аеродром прекуноќ, заробена од снег. Вила е слободна и независна, додека Бил е неодамна разведен и ги преиспитува својот живот и односите со неговата отуѓена сопруга и ќерка.
Сè што сакаат е да си одат дома, прво се двоумат дали да бидат заедно, но принудени се да се навратат на минатото, заедно со она што можело да биде и што би можело да се случи повторно. Но кога верзиите на нивната заедничка историја не се преклопуваат, се поставува прашањето каде да се оди понатаму.

Слоганот за филмот вели: „Што ако една снежна ноќ се соочите лице в лице со некој од вашето минато? Некој што некогаш ги чувал вашите тајни, бидејќи некогаш таа личност била во вашето срце“.
Во моментов е познато дека снимањето ќе започне наскоро оваа година, во Бентонвил, Арканзас.